Во рамки на манифестацијата „Скопско лето 2017“, вечер во Музејот на Град Скопје концерт ќе има триото „Аура“.
Триото го сочинуваат тројца истакнати македонски музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Тие работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје и имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки.
Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти во Македонија и во странство тие се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во Македонија.
Триото „Аура“ има долгогодишна и богата концертна активност, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Триото често промовира дела од македонски композитори, напишани специјално за нив. Нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.