Концерт на „The Local Blue“ и изложба на Тања Вукобрат во „Ла кања“

Концерт на македонскиот бенд „The Local Blue“ и изложба на Тања Вукобрат е најавена за 18 октомври во „Ла кања“ од 20 часот. Настанот се прави во рамки на проектот „Млади за Скопје“, каде главната улога ја имаат млади артисти (музичари и ликовни уметници).

„The Local Blue“ се Кристијан Савиќ (гитара), Панде Ефтимов (бас), и Кристијан Новковски (тапани). Бенд кој свири многу интересен и специфичен инструментален хибрид помеѓу психоделичен рок, стоунер рок, спејс рок и пост рок. Тие во нивното досегашно постоење, имаат издадено два одлични албума за PMG Recordings: Project Blue Beam (2018) и 2nd Landing (2019). The Local Blue се еден од најдобрите млади состави во Македонија.

Тања Вукобрат е дипломиран графички дизајнер на факултетот за Арт и Дизајн на Европскиот Универзитет. Работи како ,,фриленс” илустраторка веќе 7 години, најчесто изработувајќи детски илустрации и корици на книги. Според неа, ваквата професија дава можност за истражување и надоградба во различни полиња и стилови. Нејзина најголема инспирација и се видеоигри, филмови, аниме, музика, стрипови… Вукобрат досега има освоено неколку награди за своите дела, меѓу кои и прво место на Global Game Jam (2015) и за Најдобар млад илустратор на Балканската смотра на млади стрип автори во 2016 во Лесковац, Србија.

Настанот ќе се одржи под посебни безбедносни и здравствени мерки. Капацитетот на публика е строго ограничен во согласност со протоколот на владата.