Концерт на The Jon Spencer Blues Explosion на 4 септември во МКЦ

Американското алтернативно рок трио The Jon Spencer Blues Explosion ќе одржи концерт на четврти септември во Младинскиот културен центар во Скопје каде ќе го промовираат нивниот нов албум. Концертот е во соработка со Кино Шишка – Љубљана, Жедно Ухо – Загреб и Поп Депресија & Одличан Хрчак – Белград.

„The Jon Spencer Blues Explosion опасно загризува од Големото јаболко со нивната нова плоча, Freedom Tower – No Wave Dance Party 2015. Како најдобрите плочи што излегуваа од Бронкс, од Лоуер ист сајд, од Гриниџ Вилиџ во 70-тите и 80-тите – Freedom Tower не е обична високооктанска плоча за шизење – таа е документ за Њујорк, хроника за валканиот асфалт, за ужасот и за љубовта!“, се вели во најавата.

Бендот постои 25 години, а новиот албум претставува збир на приказните што досега ги проживеале вокалистот Jon Spenser, гитаристот Judah Bauer и тапанарот Russel Simins.

„Спремана и гланцана на тајни свирки и ненајавени концертни термини во театри, хотелски бифеа и други „црни дупки“, а потоа снимана во легендарната Daptone House Of Soul во Bushwick и миксана од култната хип-хоп легенда Alap Momin, во Харлем, Freedom Tower е најпровокативниот доказ за урбаниот занес и дух што некогаш е снимен“, стои во најавата.