Концерт на тетовскиот бенд Skyrise во МКЦ

Tетовскиот бенд Skyrise ќе одржи концертна промоција на албумот „To Unknown“ на 3 април, во Младинскиот културен центар во Скопје

На првиот целовечерен и самостоен концерт, младиот состав ќе го претстави својот деби – албум, кое минатата година беше издаден за Пасворд продукција. Жанрот на песните што се најдоа на првенчето на бендот од Тетово може да се дефинира како алтернативен и уметнички рок, кој што излегува од локалните и регионалните квалитетни стандарди и претендира да звучи светски, како естетски така и продукциски.

[Интервју] Skyrise: Се обидуваме да правиме оригинална музика по свој ќеф

Материјалот кој што се најде на „To Unknown“, иако издржан, ја задржува својата скромност и како и во самиот наслов, се препушта на непознатото и на непредвидливо патување на душата на музиката. Песните сосема невино и природно се движат меѓу различни расположенија и се прилагодуваат на слушателот. Сите девет песни од албумот кој беше снимен во студијата Супернова и МариФет од Гоце Симоновски и Ивица Јанкуловски, се потпишани и продуцирани од бендот.

Skyrise лани настапија како предгрупа на Канаѓаните Hidden Cameras, концерт кој беше дел од промотивните настани за 16 издание на фестивалот Таксират. Дел од бендот се  Благоја Евковски (вокал, гитара, синтисајзер), Бојан Рафајловски (гитара), Дејан Дојевски (бас) и Бојан Евковски на тапани.

Почетокот на концертот е најавен во 21 часот, а како предгрупа ќе настапи битолскиот инди состав The Government.