Во склоп на „Антивикенд програмата“ на независниот издавач и организатор „Мртов коњ“, во соработка музичарот Јордан Костов, денес (11 септември четврток), од 20 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар ќе се одржи концерт на „Тамшамагандаз“.
„’Тамшамагандаз’ е нов музички проект кој ги изразува патничките желби и антиконзервативните ставови. Мал звук, голем елан. Од Скопје до Тиквеш и Тетово, со микс од јазици и влијанија од Виетнам-САД. Концептот обединува три континента и повеќе култури, создавајќи нова хармонија и мелодија за гурмани на звук. Насочен кон оние што сакаат да патуваат со звукот и кон оние кои сакаат контроверзна уметност. ‘Тамшамагандаз’ вистапува како неочекувано длабок и воинствен противник на стереотипите, претставувајќи космополитскиот вртолом на современата сцена“, стои во најавата за концертот.
Се работи за музички проект каде свири Јордан Костов на тои пијано, таишигото, дан бау, мелодион , вокал, модулатор, предмети. Потоа Там Пхам на дан бау, Никола Коџабашија – клавијатури електроника, Ник Де Карло – туба и глас, Марко Печеновиќ – бас и Алекс Галевски – тапани.
Карта за концертот е 300 денари.
„Антивикенд“ програмата продолжува утре, петок 12 септември, во КИЦ во Скопје со концерт на италијанско-американското „Паспарту дуо“ и домашните „Алембик“.