Концерт на „Светлост“ на 20 февруари во „ShortBus“

Современиот џез состав „Светлост“ во четврток (20 февруари) од 22 часот ќе одржи свој концерт во „ShortBus“.

„Светлост“ е музички колектив основан во 2014 година од Нинослав Спировски, Дени Омерагиќ и Кристијан Новковски – музичари кои зад себе имаат солидна дискографска позадина, издавајќи албуми со групи како „Fighting Windmills“, „Тhe Local Blue“, „ГЛАСНОМ“, „Палиндром“, „Avadarxi Ensemble“, „Jordan Kostov Ensemble Modern“, „B/O/S“.

„’Светлост’ е флексибилен ансамбл, кој основното трио го користи како платформа за соработка со повеќе музичари од различни профили. Музиката на овој состав се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретен проект – најчесто е информирана од стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика“, стои во најавата за концертот.

Најзабележителен израз на групата е како 11-член ансамбл, со кој во септември 2019 го издаваат албумот „Odron Ritual Orchestra“ – албум кој беше сместен на повеќе светски листи за најдобар џез албум за 2019 година, меѓу кои и листите на Bandcamp, NPR, Bird Is The Worm, Tom Hull (Village Voice) и др. Неколку месеци подoцна, во јануари 2020, основното трио го издава албумот „Jazz (to the working class)“, кој носи еден поинаков израз, базиран еднакво на амбиентални и електронски звуци, колку и на акустичен џез.

„Музиката на ‘Светлост’ се случува преку експериментирање со врамени импровизации и процес на спонтана композиција, што го прави секој концертен настап единствени неповторлив“, се вели во најавата за концертот на 20 февруари.