Концерт на студентите по соло-пеење од Скопје и Штип

Во Македонската опера и балет вечерва ќе се одржи традиционалниот концерт на студенти по соло-пеење од факултетите за музичка уметност од Скопје и Штип, насловен „Млади оперски надежи, проф. Коста Трпков“.

Вокалните солисти ќе ги придружува оркестарот на МОБ под диригентство на Иван Еминовиќ. На програмата се арии од познати светски автори на оперската уметност – Верди, Пучини Моцарт, Маскањи, Гуно, Росини.

Ќе настапат вкупно 17 изведувачи од сите оперски гласови. Тие претходно беа селектирани од стручна комисија, во состав: Ѓорѓи Цуцковски, уметнички директор на Операта, и диригентите Иван Еминовиќ и Бисера Чадловска.

Вокалните солисти се од класите на професорите: Билјана Јакимовска, Марија Муратовска, Весна Ѓиновска-Илкова, Славица Петровска-Галиќ и Горан Начевски од ФМУ-Скопје и Благица Поп Томова и Борис Трајанов од ФМУ-Штип.

Влезот за посетители е слободен.