Концерт на студентите на ФМУ по повод 50 години постоење на факултетот

Студентите од студиската програма Популарни музички жанрови на Факултетот за музичка уметност-Скопје по повод 50 години постоење на ФМУ вечер ќе одржат концерт во Македонската опера и балет.  Овие програми беа воведени во учебната 2012/2013 година со што популарната музика првпат почна да се изучува и на високообразовна институција во Македонија.

На концертот ќе настапат неколку вокално-инструментални состави од студентите од прв циклус студии на ФМУ. Како солисти ќе се претстават студентите по гитара, саксофон, бас гитара, соло-пеење и удирачки инструменти, од класите на професорите Кирил Туфекчиевски, Иван Иванов, Андријана Јаневска, Дамјан Пејчиновски, Влатко Нушев и Нико Ѓорѓиевски, како и студенти по аранжирање од класата на проф. Кире Костов.

Тие ќе изведат познати поп, рок, џез и соул теми од светски познати музичари, како и неколку македонски евергрини и изворни народни песни во придружба на ревискиот оркестар на ФМУ.

Влезот за концертот е слободен со претходна резервација на ФМУ.  По повод јубилејната година, ќе има и други активности на студентите и професорите на ФМУ. Вечерашниот ќе биде прв во низата концерти, а централниот настан ќе биде на 6 декември, соопшти ФМУ.