Концерт на Симфонискиот оркестар на ФМУ по повод 52 години од основањето на Факултетот

По повод 52 години од основањето на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје, во среда од 20 часот ќе се одржи концерт на Симфонискиот оркестар на ФМУ со дела од Јозеф Хајдн, Франц Шуберт и Артуро Маркез. Концертот ќе се одржи во големата сала на Македонската филхармонија со почеток во 20 часот, а влезот е слободен.

Факултетот за музичка уметност во Скопје е првата високообразовна музичка институција при првиот универзитет во Република Македонија, „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За овој период на ФМУ дипломирале, магистрирале и докторирале над 3.000 студенти, меѓу кои видни композитори, научници, интерпретатори, педагози, новинари и балетски уметници кои работат во државава и надвор од неа, постигнувајќи забележителни успеси во своите области. На ФМУ предаваа и денес предаваат уметници и научници чии имиња се добро познати на македонската и светската музичка, балетска и културна јавност. Повеќето наставници на ФМУ своите дипломи за завршено високо образование и за повисоките научни и уметнички степени ги стекнале токму на оваа институција.

Годишнината од основањето, Факултетот за музичка уметност традиционално го одбележува со целовечерен концерт на својот најголем ансамбл, Симфонискиот оркестар сочинет од студентите на додипломски и последипломски студии. Симфонискиот оркестар на ФМУ бележи континуиран растеж во своето работење и секоја година го збогатува својот репертоар со дела од класичната и современата музика, вклучително и дела на македонските композитори. Во мај 2018 година Симфонискиот оркестар на ФМУ за прв пат се претстави надвор од Македонија, успешно настапувајќи, заедно со хорот „Драган Шуплевски“, на најголемиот европски студентски фестивал во Белфор, Франција. Со оркестарот раководи проф. м-р Сашо Татарчевски – познатиот македонски диригент кој има добиено повеќе награди на престижни меѓународни натпревари.

На Денот на основањето на Факултетот – 6.12.2018 година (четврток), во Концертната сала на ФМУ во 18 часот ќе се одржи промоција и свечено доделување на дипломите на дипломираните студенти од прв и втор циклус студии.