Во Младинскиот културен центар вечер од 20 часот во соработка со „Таксират“ и „Теравоид“ ќе се одржи концерт на „At the Gates“, шведски дет метал бенд кој пред цели 22 години гостуваше во Скопје.
Настанот тогаш предизвика комплетно лудило низ андерграунд сцената во Македонија. Oдносно, како што велат од „Таксират“, за прв пат кај нас дојдоа бендови кои беа дел од светската метал сцена и после чии концерти се збореше дека тоа нема никогаш да се повтори – „Napalm death“ и „At the gates“.
„Поминаа многу години и многу бендови во меѓувреме дојдоа и свиреа во Скопје. Бендот се растури некое време после концертот и не свиреа скоро 12 години. Оваа година, на 4-ти декември ‘At the gates’ се враќаат во Скопје. Како едни од предводниците на Гетенбург melodic death звукот, бендот е еден од ретките кои се вистински култ на таа сцена. Мрачни, интелигентни и агресивни мелодии се дел од нивните главни карактеристики. Тие што пред 22 години бевме во МКЦ, ќе имаме можност да се вратиме во времето и пак да бидеме дел од концерт, кој ќе не освежи и за момент ќе ни го врати духот од тоа време. Тие што не биле и само слушале за тој култен концерт…. ова е можност да присуствуваат на испишување на уште една страница од метал историјата на Македонија“, стои во најавата за концертот.
Како предгрупи се најавени „Heresy“ од Костарика и македонскиот состав „Hardfaced“.
Вратите на МКЦ се отвораат од 19 часот, а почетокот е од 20 часот. Концертот е во склоп на серијата настани од „Таксират 2.0“.