Концерт на Ryley Walker и Алек Костенаров во МКЦ

Концерт на Ryley Walker и Алек Костенаров ќе се одржи во вторник (9 февруари) во Младинскиот културен центар во Скопје.

„Ryley Walker е реинкарнација на „вистинскиот американски гитарџија“. Тоа е и потврда на неговите лутања и скитања, или на фактот дека неговата гитара Guild D-35 неколку пати била заложувана за заеми. Primrose Green започнува онаму каде што завршува All Kinds of You, неговото последно издание, но набрзо се оддалечува.

Насловната песна звучи едноставно и несекојдневно, но главната зелена тема има халуциногени квалитети, што е случај и зa поголемиот дел од плочата. Бендот е мешавина од стар и нов чикашки талент, спој од папсани ветерани од пост-рок и џез круговите заедно со желни и заинтересирани младинци. Никој не знае што иднината му подготвува на младиот Ryley Walker. Тешкотиите, препреките и несигурното домување во лоши услови, веројатно се само креативен поттик за него. Овде, на ова издание ризикот е ограничен пристап до неговата лична катастрофа со тоа што присутен е флерт со успехот. Краткиот животен пат исполнет со постојано вежбање и дисциплина резултирале со ремек дело од албум, вид албум што не сме го сретнале уште од 70-тите“, се вели во најавата за концертот.

Вечерта ќе ја отвори Алек Костенаров, некогашен басист на Culture Development, кој ќе го претстави „Скопје се сеќава“, неговото издание (мини албум) за новата дискографска работилница ДИП. Мини-албумот е достапен во CD формат и бесплатно на bandcamp страницата на Костенаров.

Концертот започнува во 21 часот.