Концерт на полските бендови „Ukryte Zalety Systemu“ и „Przepych“ во „Ла Кања“

Како дел од нивната балканска турнеја, во среда, 26 октомври, со почеток во 21 часот во бар „Ла Кања“ ќе настапат полските бендови „Ukryte Zalety Systemu“  и „Przepych“.

„Ukryte Zalety Systemu“ свират пост-панк натопен во new wave и cold wave влијанија. Нивниот комплексен звук е сочинет од соголени ритмички патерни, бурни бас линии, деспотски тапани, остри гитари и минималистички синтови. Експериментална, но сепак танцувачка музика. Пеат на мајчин јазик. Лириката е истовремено рефлексивна и социјално ангажирана. Нивниот истоимен деби албум кој излезе во 2015 година, се најде на списокот на најдобри нови изданија во престижниот магазин Maximum Rock’n’Roll.

„Przepych“, пак, се инструментално дуо (гитара, тапан, електроника) кое ги истражува сопствените ограничувања, содавајќи доблест од недостатокот. Користејќи ги најмалите достапни средства, тие имаат за цел максимизирање на експресивната моќ. Нивните композиции се музички дијалог, непредвидлив, но длабоко човечен. Понекогаш тоа се пот и солзи, понекогаш мисла и умереност. Далечни еха од This Heat, Post-Punk и No Wave.. “Нивната музика е како посета на забавен парк во благо наркотизирана состојба“.

Настанот е во организација на Задруга 5060 од Скопје.