Концерт на „Мршави пас“ од Србија во „Кула“

Српскиот соло изведувач „Мршави пас“ за прв пат се претставува пред скопската публика во културниот центар „Кула“. Неговиот концерт ќе се одржи на 23 мај (сабота) со почеток во 20.00 часот.

Овојпат тимот на „Кула“ најавува еден неверојатен спој на електрична гитара свирена наопаку (бас жиците се долу, а горните се горе) и хумористичен вокал во комбинација од панк, рок и електро-блуз ритмови.

По музицирањето во низа гитарски панк-рок состави (Јадост, СФРЈ, Јебига, Жаотекс, Џузепе Карабино), Милан Мандич продолжува да ја гради својата кариера како соло изведувач под псевдонимот „Мршави пас“. Досега има издадено шест албуми за независната етикета „Лисен Лаудест“ од Загреб. Неговиот музички израз може да се окарактеризира како игра со музичкиот шаблон, резбарење на стандардниот звучен формат и употреба на што по шашави аудио егзибиции.

„Мошне е тешко звукот на „Мршави пас“ да се смести во некоја адекватна категорија, со оглед на тоа дека голем дел од композициите се работени сосема извртено. Неговата музика е истовремено експеримент, забава и егзибиција, додека неговиот перформанс наликува на духовита импровизација, налик на Чарли Чаплин или Мапед шоу.

Во најмала мера му е битно да биде прифатен од страна на пошироката публика, туку напротив тој создава една суштинска алтернативна забава на мошне допадлив начин. „Кула“ како идеално прибежиште на овој суботичански отпадник, ви го претставува во сиот свој сјај -„Мршави пас“. Самиот вели дека чувствува трема по повод неговото прво доаѓање во оваа драга земја која веќе одамна ја пикира и мерка“, се вели во најавата за настанот.