Концерт на Македонската филхармонија „Танц на судбината“

Македонската филхармонија вечерва (28 јануари) во Домот на АРМ ќе одржи концерт „Танц на судбината“, под диригенската палка на маестро Емил Табаков од Бугарија. Филхармонијата ќе ја изведе грандиозната Петта симфонија од австрискиот композитор Густав Малер, како и познатиот Концерт за пијано и оркестар бр.1 од унгарскиот композитор Франц Лист, каде како солист ќе се претстави хрватската и светска пијанистка Мартина Фиљак.

За австриски композитор со еврејско потекло, Густав Малер (1860 – 1911) публиката и изведувачите сметаат дека „да се диригира, слуша и изведува Малер е единствено искуство“. Тој има култно место во историјата на класичната музика, а неговата Петта симфонија (1901-1903) се смета и за едно од неговите најдобри дела.

Солистката Мартина Фиљак (1978) се вбројува меѓу најталентираните хрватски музичари од помладата генерација, која со својата страсна и лирска изведба и техничка перфекција ја воодушевува меѓународната јавност. Родена е во семeјство на музичари, ќерка на пијанистот Ранко Фиљак, пијано почнала да учи на пет години, а веќе во шестата првпат јавно настапила. Образованието го стекнала на Музичката академија во Загреб и на Конзерваториумот во Виена, а потоа во реномираната класа за солисти во Хановер. Во 2009 година, Фиљак освојува златен медал на реномираниот Меѓународен натпревар во Кливленд, а набргу потоа дебитира во „Концертхаус“ во Берлин, „Музиквереин“ во Виена, „Карнеги хол“ во Њујорк….