Концерт на Македонската филхармонија посветен на композиторот Aлександар Џамбазов

По повод 80-годишнината од раѓањето на композиторот Aлександар Џамбазов, Македонската филхармонија ќе одржи концерт во четврток (14 април). Концертот ќе се одржи во Домот на АРМ, со почеток во 20 часот.

Aлександар Џамбазов јавноста го препознава како татко на фестивалот на детска песна „Златно славејче’’, 37 години диригент на Танцовиот оркестар на МРТВ, аранжер и автор на забавни, масовни и хорски композиции, оркестарски творби, филмска и театарска музика.  Со своето творештво остава трајна трага во развојот на македонската музика од втората половина на 20 век и тоа во повеќе нејзини жанрови.

Програмата на концертот донесува краток избор од неговата богата разновидност, почнувајќи од популарните хитови „Само ти’’, незаборавниот блуз „Да нема разделби’’, латентното танго „Љубов неверна’’, како и „Галеби бели“, „Довидување“, „Детство“, „Охрид и јас“. Неговиот афинитет кон џезот уште повеќе доаѓа до израз во композициите пишувани за Танцовиот оркестар на МРТВ како „Југосаунд’’, „Балада за Шпато’’, „Реминисценција“, „Чарли“ и други. На програмата за првпат ќе бидат изведени и „Седумте танцови варијации“ за пијано и оркестар.

Пред почетокот на концертот свечено ќе бидат доделени наградите на СОКОМ: „Трајко Прокопиев„ (за животно дело), „Георги Божиков“ (за најдобра изведба на дело од македонски автор) и „Панче Пешев“ (за најдобро дело од македонски автор) .

Под диригентската палка на маестро Саша Николовски-Ѓумар, придружени од Македонската филхармонија, како вокални солисти ќе настапат видни имиња од македонската естрада како Нина Јанева, Наде Талевска, Игор Џамбазов, Александар Тарабунов, Сашо Гигов – Гиш, Андријана Јаневска и Игор Митровиќ, а како солист на пијано – Дино Имери.

Водител на програмата ќе биде Игор Џамбазов. Проектот е финансиски поддржан од Македонската филхармонија, а влезот е слободен.