Концерт на импровизирана музика на Додовски, Георгиевски и Спировски во СЦ „Дуња“

Во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје, на 29 јуни со почеток во 20 часот, ќе се одржи концерт на импровизирана музика, во соработка помеѓу тројца музичари со различни искуства и контексти, поврзани преку заедничкиот интерес за звучна авангарда, амбиентални структури и слободна интерпретација.

Димитар Додовски е продуцент и визуелен уметник од Битола. Има издадено повеќе соло албуми и соработувал во проекти како „Post Global Trio“, „Moss Garden“, „Niskogradba“, „Dérive Dub“ и „Private Mountain“. Последниот албум „Mineralmusik“ ја одбележува 20-годишнината од неговото музичко творештво.

Мартин Георгиевски е продуцент од Скопје на амбиентална и импровизирана музика, активен од 2009 година под псевдонимот „Амплидајн Ефект“. Во изминатите години, проектот издаде бројни албуми и настапуваше на реномирани регионални и меѓународни фестивали, меѓу кои „Похода“ (Словачка), „Десонанз“, „Лајв Саундтрак“ (Белград), „ToBe Continued“ (Италија), „ПНЕМ Саунд Арт Фестивал“ (Холандија), „Скопскиот џез фестивал“. Имал настапувано со „Пост Глобал Трио“, „Светлост + Одрон Ритуал Оркестра“ и многу други проекти.

Нинослав Спировски е македонски фри џез кларинетист и саксофонист, дел од генерацијата што го поттикна новиот бран на импровизирана музика во земјава. Како еден од најактивните учесници на сцената, застапува личен израз и оригиналност надвор од традиционалните џез шеми.

Најпознат е по работата со „Светлост“ и „Светлост + Одрон Ритуал Оркестра“, а учествува и во бројни други состави.

Настанот претставува отворена звучна сесија што произлегува од моменталната интеракција помеѓу учесниците, без однапред зададена форма или композиција.

Влезот е со препорачана донација за артистите.