Концерт на Филхармонијата посветен на Шпато

Македонската филхармонија вечерва ќе одржи концерт посветен на Драган Ѓаконовски-Шпато, по повод 30 години од неговата смрт (1931-1987).

Диригент на вечерашниот концерт „Филхармонија за Шпато“ е Џеси Милинер од Германија, композитор, аранжер и пијанист, кој е задолжен и за оркестрациите на дел од композициите.

Заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, на сцена ќе има и бенд во состав: Мартин Ѓаконовски – контрабас, Гордан Спасовски – пијано, Левин Ѓаконовски – тапани и Франческа Рајтер – виолина, а ќе учествуваат и Џон Илија Апелгрен – вокал и Кирил Кузмановски – саксофон.

Меѓу другото, ќе бидат изведени композициите на Шпато, како „Далечен крај“, „Те носам во себе“, „Глас од далечината“, „Без повраток“, „Дојди есен“, „Молчи една долина“, „Убава со како музика“, „Зар вистина е крај“, „За нас почнува живот“…

„Зад себе остави вистинско звучно богатство чија убавина, автентичност и влијанието кое што го изврши не е надминато. ‘Во име на цветот’, ‘Гарача’, ‘Далечен крај’, ‘Жолта липа’, ‘За нас почнува живот’, ‘Зар вистина е крај’, ‘Лени’, ‘Ми вети ти’, ‘Молчи една долина’, ‘Носталгија’, ‘Последен ден на разделбата’, ‘Љубовна тема’… се дел од вокалните композиции кои не се само печат на едно време, туку се дел и од ова наше денешно совремие, особено сликајќи го животот во Скопје, преку лириката, но и преку музичката содржина, формата, хармонските решенија, наративноста“, наведува Филхармонијата.

Шпато е композитор, диригент и музички аранжер кој се смета за зачетник на македонската забавна музика. Бил еден од најпознатите композитори и во поранешна Југославија, учествувајќи на фестивали и добивајќи голем број награди. Шпато пишувал, аранжирал и снимал, главно, за потребите на Радио Скопје, тогаш единственото и културно прибежиште на уметниците, каде останал до крајот на својот работен век.