Водечкото име на новата берлинска сцена, Die Wilde Jagd, ќе настапи на 17 март во Денсинг салата во Младинскиот културен центар. Неповторлива звучна слика обоена со сурова синтетика, механички перкусии и нови индустриски нијанси.
Die Wilde Jagd („Дивиот лов“) носат нова музичка струја и се предвесници на нови естетски насоки на современата генерација германски артисти, пишуваат организаторите. Креативната двојка на бендот, Ралф Бек и Себастијан Ли Филип, ги спојуваат своите творечки енергии и снимаат во добро опременото студио на Бек, користејќи бројна аналогна опрема и синтисајзери. Со разновидните уреди за снимање, тие комбинираат широк спектар на ударни инструменти и креираат сопствена „ловечка“ музика која на моменти звучи вознемирувачки – како мочуриште во темна шума, но истовремено и енергично, како хипнотички танц.
Нивната звучна слика ја одликуваат репетитивни гитарски лупови, електронски перкусии, тапани и синтисајзери, но и средновековни звуци кои се слушаат на почетокот на „ловот“ и шепотливи и рецитирачки гласови кои ги повикуваат духовите на шумата.
Во бендот членува и Нико Ромел на ударни инструменти.
Локална поддршка ќе биде Тодор Караколев, музичар кој создава композиции со силен емотивен набој и луцидна лирика, движејќи се лесно и непретенциозно помеѓу различни жанрови на електронската музика.