Концерт на бендот „Дактили“ во МКЦ

Во МКЦ на 13 октомври (вторник) од 21 часот е најавен концерт на составот „Дактили“.

Бендот е оформен 2018 година во Струмица од страна на Ставре Ангелаков, Столе Велков, и Душко Манушев.

„Најпрвин започнува да делува како инструментален (авторски) бенд, и како таков настапува низ повеќе локали низ југоистокот на Македонија. Во таа прва етапа од приказната на Дактили е снимено едно парче музика (EP) насловено како ‘Ventana de Passillo’, кое е всушност снимка од нивниот настап на Лузерфест. Набрзо, пред самиот крај на 2018 година кон составот се приклучува и вокалистот Милан Анастасов. Таа четворка (Ставре, Столе, Душко, Милан) преку цела 2019 година настапува на фестивали (Strumica Open-Fest, Синестетика, Сирова култура, Д-фест, Слободна Зона, итн…) и го снима првиот студиски албум „Рандом Дестинација“ во студиото Ал-Шар во Скопје“, стои во најавата за концертот.

Во почетокот на 2020 година, „Дактили“ настапуваат на фестивалот „Земјотрес“, и го објавуваат албумот како самоиздание на повеќе интернет платформи. Во август 2020 година на тапанарското столче седнува Љубен Маџиров и во тој состав „Дактили“ успеваат да направат концертна промоција на албумот во амфитеатарот во Струмица.

Kонцертот ќе може да се следи и во живо, но ќе биде пренесуван и преку Фејсбук. Настанот е организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор.

„Ве молиме да се придржувате кон истите. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан, задолжително е седење на позицијата означена на билетот“, се вели во најавата на концетот.

Билетите се достапни на билетарница во МКЦ по цена од 100 денари.