Концерт, изложба и промоција на монографија во чест на Георги Божиков – Жоро

Во чест на познатиот операски бас, сега починатиот Феорги Божиков, утревечер во 20 часот во фоајето на МОБ ќе се одржи концерт со изложба и промоција на монографијата за Божиков.

Изложбата „Од уметничкото делување на Георги Божиков“ е подготвена од Димитар Божиков и Procure Solutions Skopje. Ќе ја отвори Сони Петровски-Уметнички директор на Операта.

Воедно, ќе биде промовирана и монографијата „Жоро – Уметничкиот пат на Георги Божиков-бас” на Снежана Анастасова Чадиковска. Промотори се Марко Коловски-музиколог и м-р Крсто Скубев-културолог.

Kонцертот е дел од програмата на Собранието на Република Македонија за одбележување на значајни настани и личности.

Георги Божиков е роден во Петрич. Музичката академија во Софија ја завршил со одличен успех. По студиите бил член на Софиската опера, се до доаѓањето во Скопје, во 1963. Од 1966 год. до 1968 год. со голем успех настапувал во Загрепската опера. Лауреат е на највисоката државна награда, 11 Октомври, во 1969 год.. Како солист- првенец на Македонската Опера ги толкувал сите главни улоги од басовскиот фах, околу 40 на број. Бил директор на Операта од 1977 до 1983 година. За време на неговото директорување, се отвори оперско студио од кое подоцна излегоа многу солисти, кои го понесоа идниот репертоар. Го дооформи хорот на Операта, од 48 на 94 хорски уметници и стана најквалитетен хор на просторите на поранешна Југославија. Ги врати во Македонија Милка Ефтимова и Симеон Гугуловски, кои дотогаш настапуваа како солисти на Љубљанската опера. Настапувал и како концертен и ораториумски пејач. Пеел на сите југословенски сцени, а гостувал и во повеќе европски и светски оперски куќи. Воедно, за Македонското радио снимил околу 80 дела, од кои поголем дел на македонски автори, всуш- ност ги снимил сите соло песни од македнски автори, напишани за низок глас.