Концерт и ликовна изложба вечерва на „Охридско лето“

На програмата на јубилејното 55-то фестивалско издание на „Охридско лето“ за вечерва е предвиден концертот на едно од најатрактивните дуа во светот – виолинистот Максим Федотов и пијанистката Галина Петрова.

Двајцата врвни уметници, кои уште ги нарекуваат како „еден од најхармоничните ансамбли во светот“, „најдобриот Московски дует“, „Брилијантни руски виртуози“, веќе и се познати на фестивалската публика од настапот во 2001 година, кога ја добија и наградата за најдобар концерт на „Охридско Лето“.

Максим Федотов е руски виолинист и диригент. Се школувал на Московскиот конзерваториум кај видни професори (Борис Сергеев, Игор Безродни, Владислав Чернушенко). Во текот на својата ариера настапувал на некои од најпрестижните сцени во Русија, Англија, Германија, Финска, Австрија, Шпанија, Јапонија, Италија и др. Исто така, соработувал со некои од најреномираните оркестри и уметници во Русија, но и надвор од неа. Добитник е на повеќе национални и интернационални награди. Паралелно со неговата концертна активност се одвива и диригентската. Од 2003 до 2005 година бил шеф-диригент на Рускиот симфониски оркестар, а од 2006 до 2010 се наоѓа на местото уметнички директор и шеф диригент ма Московскиот симфониски оркестар.

Пијанистката Галина Петрова своето образование го стекнува на Московскиот државен конзерваториум, под менторство на Аида Исакова, Виктор Мержанов и др. Редовен гостин е на најпрестижните руски фестивали и културни настани, меѓу кои и „Ѕвездите на Москва“, „Руска зима“, „Таленти на Русија“. Покрај тоа настапувала и на многу интернационални фестивали, како што се оние во Чикаго, Загреб, Сплит, Соренто, Неапол, Мелбурн и др. Во земјите каде што настапува Петрова, многу често одржува и мајсторски школи.
Оваа година двајцата уметници посвторно се на „Охридско лето“ со исклучително тешка и атрактивна програма на која се дела од Џ. Тартини, С. Прокофјев, П.И. Чајковски, Н.Р. Корсаков и А. Бородин.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во страндардниот фестивалски термин од 21 часот.

Претходно, во рамки на програмата на фестивалот во салонот на Центарот за култура „Григор Прличев“ во 19 часот ќе биде отворена и ликовната изложба „Циклуси“, на академскиот уметник Крунислав Стојановски, која тематски ги опфаќа седумте сликарни циклуси на уметникот низ последните две децении од неговото творештво.