Концерт „Дамар на слободата“ со пијанистите Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтијари во четврток во Филхармонија

Концертот насловен „Дамар на слободата“ на кој како солисти ќе настапат македонските пијанисти Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтијари ќе се одржи во четврток (8 мај) со почеток во 20 часот во Македонската филхармонија.

На програмата се „Свечена увертира“ од Дмитри Шостакович, концертот за две пијана и оркестар во де-мол од Франсис Пуланк и „Енигма варијации“ од Едвард Елгар. Концертот ќе го води маестро Конрад ван Алфен од Холанија.

„Конрад ван Алфен е ‘инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат’, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам“, раскажуваат од Македонската филхармонија.

Додека, Анастасија Грговска своето музичко образование го започнува во Куманово, каде што е родена, во класата на проф. Драган Грговски, а го продолжува во класата на проф. Славица Мицовска. Средно образование завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Во 2013 година дипломира со cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Марија Ѓошевска. Добитничка е на голем број награди и признанија на државни и на меѓународни натпревари.

Шкељзен Бафтиари, пак, дипломирал со cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Борис Романов и завршил постдипломски студии со cum laude, во класата на светски познатиот пијанист Симон Трпчески, со кој сѐ уште има добра соработка. Основното и средното музичко образование ги завршува во ДМБУЦ „ИлијаНиколовски-Луј“ во Скопје, во класата на проф. Људмила Романова. Пијано почнува да учи на 10-годишна возраст со проф. Симона Зафировска во ДМУ„Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово. Добитник е на повеќе меѓународни награди во Париз, Рим, Торино, Пловдив, Благоевград и Белград.