Комунална хигиена: Граѓаните да не го фрлаат мебелот и градежниот шут во контејнер

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје апелира до граѓаните својот кабаст отпад (мебел, стара електрична и електронска опрема) и градежниот шут да не ги одложуваат во и покрај садовите за отпад.

„Законот за јавна чистота на РМ забранува кабастиот отпад да се одложува во садовите за отпад поставени на јавни површини, а ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје, во координација со Градот Скопје и општините, бесплатно го собира овој тип на отпад во организирани дводневни акции што се одвиваат четири пати во годината во секоја општина“, соопштуваат од „Комунална хигиена“.

Во рамките на акциите, велат од притпријатието, граѓаните коишто сакаат да се ослободат од стариот мебел и непотребните електрични и електронски апарати имаат можност овој тип на отпад да го одложат пред своите домови во периодот од 7 до 9:30 часот, по што специјалните комунални возила ќе поминат и ќе го подигнат, според однапред изготвениот распоред по месни заедници.

Следната акција за собирање кабаст отпад ќе се одвива на 14 и на 15 јули, во општината Центар.

Покрај акциите што се организираат во скопските општини, ЈП „Комунална хигиена“ на граѓаните им нуди можност во текот на целата година овој тип на отпад со сопствен превоз бесплатно да го одложат во Центарот за селекција на отпадот во Карпош.

Доколку имаат потреба транспортот да се изврши со специјалните возила на претпријатието, оваа услуга може да ја побараат на бесплатната телефонска линија – 080022233. Услугата изнесува 850 денари (без пресметан ддв).

За градежниот шут, пак, услугата за преземање и транспорт изнесува 950 денари (без пресметан ддв).