Комуналците од Пирот ги наполнија дрвјата со бетон

Наместо бетонирање на дупките на патиштата, комуналната служба во Пирот одлучи да ги поправи сите дупки на дрвјата, долж шеталиштето на градот. Друштвото за заштита и проучување на птиците во Србија, објави фотографиите на кои се гледа како дупките кои природно се формираат на стеблата, се целосно зацементирани и исполнети со бетон.

Од Друштвото алармираат дека на овој начин, се предизвикува штета на сите живи суштества, инсекти, птици, лилјаци кои го изгубиле својот дом.

„Недостатокот на логика не може да се надомести со некаква диплома. Дека таквиот филозофски заклучок е на место, не уверуваат и „стручни” луѓе од ЈП „Комуналец“ од Пирот. Од сосема непознати причини за нас, на градското шеталиште ги забетонираа (да, добро прочитавте, ги наполнија со бетон) сите дупки во дрвјата! На овој начин инсектите, птици и лилјаци се убиени или трајно оставени без нивниот дом! Случајот е пријавен до надлежните органи, и ќе се бара казна и разрешување на оние кои се одговорни за ова кривично дело врз природата“, напишаа од Друштвото на својата ФБ страница.

Извршната директорка за зеленило, пазари и гробишта во Пирот, Надежда Авжнер, за српски Блиц, објаснува дека тие се одлучиле за овој метод со цел да го запрат понатамошно гниење на дрвјата.

„Ние се грижиме за дрворедот на градското шеталиште, секоја година применуваме одредени мерки, со оглед на тоа што имаме стари, и повеќе од 50 години, дрвја. Решивме да го запреме гниењето, но исто така го намалуваме ризикот за околината . Ставање цемент во шуплините на дрвјата, е една од мерките со кои се штити дрвото за да не се урне при силен ветер“, објаснува Авжнер, која има дипломирано на Шумарскиот факултет во Белград.

Таа вели дека во шуплините на дрвјата не наишле на гнезда, и дека ако ги имало, сигурно нема да ги уништеле.