Композиции на емоција и атмосфера – слушнете го деби албумот „Опус 1-8“ на Гала Насева

Композиторката Гала Насева го објави својот деби албум насловен „Опус 1-8“.

Се состои од 8 теми во вкупно времетраење од 28 минути, кои Насева елегантно ги трансформира во композиции на емоција и атмосфера, користејќи пијано, чело и електронски елементи.

„Покрај неколкуте луцидни минијатури, се издвојува Опус 7/8 во која авторката на инвентивен начин ги поврзува македонското музичко наследство и авангардниот израз на современата класична музика“, велат од независниот музички издавач Шарла Рекордс, кој стои зад ова издание.

Гала Насева е композиторка на современа класична музика од Скопје која дел од своето формално музичко образование го стекнала на катедрата по музикологија на германскиот универзитет ,,Јустус Либиг” во Гизен.

Таму и ги започнала своите први авторски чекори, работејќи дела за разни арт перформанси и театарски претстави. Токму овие композиции го сочинуваат јадрото на албумот „Опус 1-8“  во кој се вклучени и две соработки со композиторот Глигор Кондовски.