Американ Грин, технолошка компанија која врши достава на семиња и марихуана, минатиот четврток купи цел град во Калифорнија. Гратчето Ниптон отсега па натаму ќе служи како огромна фарма за канабис, но и како „тематски парк“ во кој консумацијата е легална.
Според американските медиуми, компанијата платила околу 5 милиони долари за малиот град, кој се протега на 120 ари земја.
Лоциран на границата со Невада, на три часа возење од Лос Анџелес, градот моментално има само еден мал хотел, соларна фарма и супермаркет. Но, Американ Грин има други планови за градот кој брои само шест жители.
Почетниот план на компанијата е да постави систем за напојување со вода од подземното езеро над кое седи Ниптон и да создава вода со канабис, која ќе се дистрибуира низ Калифорнија. Минатата година, Калифорнија ја легализираше рекреативната употреба на марихуана. Сепак, сè уште е илегална под федералниот закон.
Консултант кој работи со компанијата, Стивен Ширин, за Бизнис Инсајдер рекол дека компанијата „цели да создаде заедница која ќе ја прифаќа и разбира употребата на марихуаната“.
Освен водата, долгорочните планови на компанијата за Ниптон вклучуваат и градење на независен град со 100 проценти обновлива енергија, прв од таков вид, кој ќе нуди независен туризам. Таму посетителите ќе можат да уживаат во минерални бањи, да се шетаат низ фармите со марихуана и да уживаат во „нон-стоп рај за стонери“.
Американ Грин има готов план за наредните 18 месеци, и 2,5 милиони долари за развој на градот. Во меѓувреме, локалниот супермаркет го преименувале во „Аптека“.