Компаниите во Индија воведуваат „слободни денови за менструален циклус“

Индиските компании кои се обидуваат да се борат со стигмата околу менструацијата, воведоа правило кое им овозможува на женските работнички да земат слободен ден секој месец.

Засега правилото го воведоа две поголеми компании, Culture Machine и Gozoop, чија цел е да го сопрат табуто околу менструацијата.

Ахмед Афтаб Накви, извршен директор на Gozoop, фирма за дигитален маркетинг за брендови како Dell и Asian Paints, вели дека има „културен сензибилитет“ во Индија кој прави да биде тешко за жените да зборуваат за својот менструален циклус.

„Зошто на нашите женски колешки да им бидат непријатни тие разговори или да не смеат да побараат да си одат? Треба да биде нешто што им е загарантирано, кое се разбира. Затоа воведовме вакво правило за нашите 70 работнички“, вели тој.

Сепак, за гинекологот од Њу Делхи, Анита Најат, правилото е „смешно“ и „регресивно“. Таа вели дека повеќето жени немаат проблем со менструалните болки, а за оние кои имаат еден ден не е доволен, бидејќи непријатноста може да трае подолго.

„Не гледам зошто жените не можат отворено да кажат, без срам, дека им треба слободно време. Автоматско правило за еден слободен ден секој месец всушност ја храни целата ситуација со синдромот на засраменост. Јас повеќе би сакала жените отворено да зборуваат за тоа кога циклусот им е болен. Тоа би направило промена“, вели таа.

Менструалниот циклус во Индија е табу, не само на работното место, туку и во домот. Девојките и жените кои имаат добиено менструација се сметаат за „нечисти“ и им се забранува да влезат во храмовите, или пак да готват во сопствените домови.

Дури и во образованите домаќинства од средна класа, девојчињата мораат да ја перат својата облека одделно. Не смеат да допираат конзервирана храна за „да не се расипе“. Кажано им е и дека билките ќе се исушат доколку тие им се приближат.

Нечувствителноста кон менструацијата му влијае и на образованието. Извештај минатата година покажал дека 23% од девојките во Индија бегаат од училиште додкеа им трае менструацијата, бидејќи немаат приватни тоалети.

Темата е опкружена со толку срам и стигма, што девојчињата често треба да прават сешто за да го скријат својот циклус. Адити Гупта, ко-основачка на Menstrupedia, веб страница која ги негира митовите и ги едуцира младите жени, вели дека посетувала рурално училиште и се запознала со девојче кое ја криело „тајната“ од своите родители цела година.

Таа вели дека одлуката за слободни денови е добра.

„Треба да ја прекинеме тишината за оваа тема. Ова правило за слободни денови за циклус е начин да се прекинат тие табуа и е чекор кон правиот пат. Жените треба да имаат слободен ден без да треба да објаснуваат, без да им се суди или да бидат обележани како помалку ефикасни“, објаснува.