Компаниите можат да забранат носење шамија на работното место, пресуди Судот во Стразбург

Работодавачите имаат право да им забранат на вработените „видливо носење на било каков политички, филозофски или религиозен знак“, вклучувајќи го и носењето шамија, пресуди Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Сепак забраната мора да се заснова на интерни правила на компанијата според кои се бара од сите вработени „неутрално облекување“, објави највисокиот европски суд со седиште во Стразбург.

Ова е прва одлука на Судот по прашање на исламските шамии кои ја покриваат главата на работните места.

Судскиот процес беше предизвикан од случај кога рецепционерка била отпуштена од работа поради носење шамија на работното место во компанијата G4S во Белгија. Самира Ашбита била отпуштена по три години работа, откако почнала да носи шамија на главата. Таа тврдела дека била дискриминирана според нејзината религија.

Сепак, компанијата ги имала уредено правилата преку кои на вработените се забранува „носење било какви видливи знаци на нивната политички, филозофски или религиозни убедувања и/или ангажирање во практикување на такви убедувања“, објасни Судот при изрекувањето на пресудата.

Бидејќи овие правила ги покривале „сите прикажувања на такви убедувања без исклучок“, па според тоа не се смета за дискриминирачки, се вели во соопштението, пренесува ББЦ .

Пресудата дополнително наведува дека „желбата на работодавачот да прикаже имиџ на наутралност кон клиентите од јавниот и приватниот сектор е легитимна“, но националните судови мораат да осигураат дека политиката на неутралност се применува еднакво за сите вработени.

ЕСЧП додава и дека белгискиот суд, во одлучувањето за овој случај требало да провери и дали постоела можност на Ашбита да и се понуди друго работно место, кое не вклучува визуелен контакт со клиентите.