Комора на психолози: 33 психолошки акции под мотото „Ментално Здравје 2020: Еден за сите и сите за еден!“

Комората на психолози на Р.С. Македонија, оваа година по четврти пат ја организира националната платформа на психолози за унапредување на менталното здравје – Денови на Психологија, со наслов „Ментално Здравје 2020: Еден за сите и сите за еден!“.

Во рамки на настанот, ќе бидат реализирани  психолошки акции пријавени од лиценцирани психолози, кои  ќе се одржат од 18 до 27 декември.

„Оваа година навистина беше исполнета со предизвици, интензивна психолошка поддршка и помош која беше и сѐ уште е актуелна поради долготрајната пандемиска ситуација. Оваа ситуација силно ги активираше сите наши системи на поддршка и потреба за соработка. Но, истата не не’ одмина и нас психолозите, па така и ние поминувавме и поминуваме низ многу промени, кои што можеби ги слабеат и/или зајакнуваат нашите лични и професионални капацитети за адаптација во услови на пандемија“, велат од Комората.

Во рамки на „Денови на психологија“, утре, на 19 декември ќе се одржи бесплатното онлајн предавање „Твоите емоции имаат нешто да кажат“. Предавањето ќе го одржи Александра Панчевска – лиценциран психолог, гешталт терапевт под супервизија, со почеток во 19 часот.

Предавањето ќе се одржи преку платформата „Zoom“, а на настанот можете да се приклучите тука.