Комисијата за заразни болести предлoжи воведување полициски час од 22 до 5 часот наутро

По предлог на Комисијата за заразни болести, министерот за здравство Венко Филипче денеска на Главниот координативен кризен штаб на Владата предложил воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територијата на целата држава, информираат од Министерството за здравство (МЗ).

Тие најавуваат дека Комисијата дополнително ќе се произнесе кој ден да почне полицискиот час и до кога да трае.

„Министерот образложи дека овој предлогот на Комисијата е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерките за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање. Анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени но и зголемен број на хоспитализирани, од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект“, стои во соопштението на МЗ.

Владата на Република Северна Македонија на утрешната седница, како што велат од МЗ, ќе треба да се произнесе по предлогот на МЗ и Комисијата за заразни болести.

Инаку, во последните неколку денови е зголемен бројот на активни случаи со Ковид-19 и сега изнесува 9.239. Од почетокот на епидемијата, со Ковид-19 во земјава се дијагностицирани 107.163 лица, бројката на оздравени пациенти е 94.279, додека 3.195 лица починале.