Комисијата на УНЕСКО: На Охрид не му се заканува бришење од листата

Посетата на Охрид е рутинска контрола, односно вршиме увид на бројните проекти. Тоа не треба да се доведува во врска со предупредувањата за бришење од листата на УНЕСКО. Ова е ставот на експертите од комисијата на УНЕСКО кои неколку дена вршат увид на проектите во Охрид, кои додаваат дека никогаш не станало збор за такво прашање, пренесува Мета.

„Нашата посета е рутинска за да ја провериме состојбата на објектите врз кои се врши  конзервацијата, а се дел од  културното наследство на сите компоненти и за тоа да го известиме комитетот на УНЕСКО. Остваривме средба за да ги видиме прогресот и напорите на локалните и на националните власти во заштитата на културното наследство и во спроведувањето на забелешките на УНЕСКО од лани на 40. седница во Истанбул“, изјави Ања Сидоренко од комисијата на УНЕСКО.

Сидоренко додаде дека тие сега вршат само надзор. Подоцна ќе  ги презентираат нивните препораки.

„Не сме дојдени само за Националниот парк „Галичица“, туку вршиме надзор на целото културно и природно наследство и како тоа се заштитува, сите активности кои се преземаат. Никогаш не дошло во прашање Охрид да биде избришан од листата на УНЕСКО. Ги разгледавме сите проекти за НП „Галичица“. Комплексните проекти беа на увид кај стручни експерти, дел од комитетот Икомос, затоа што се работи за многу комплексно подрачје богато со културни и природни вредности“ прецизираше Сидоренко.

Комисијата на УНЕСКО се сретна со директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали-Бунташеска, а потоа замина на увид на Плаошник, Античкиот театар, „Богородица Перивлепта“ и во „Света Софија“.