Комесарка на ООН: Се влошува состојбата со човековите права во Белорусија

Состојбата со човековите права во Белорусија од септември продолжува да се влошува, изјави високата комесарка на Обединетите Нации (ООН) за човекови права Мишел Бачелет, пренесува српски „Н1“.

„Со жалење ве известувам дека од итната расправа на Советот за Белорусија во септември, не е подобрена состојбата со човековите права во земјата. Напротив, ситуацијата продолжи да се влошува во последните неколку недели, особено во однос на правото на мирно собирање“, рече Бачелет пред Советот.

Протести во Белорусија се одржуваат веќе од август, веднаш по реизборот на претседателот Александар Лукашенко на изборите, кои опозицијата, но и Европската Унија не ги признаваат.

Комесарката посочи дека казните кои се изрекуваат на демонстрантите се сѐ „пооштри“ и изрази голема загриженост затоа што полицијата употребува „несразмерна сила“ врз демонстрантите.

Повеќето претставници на состанокот на Советот ја осудија репресијата во Белорусија, особено полициското насилство и кражбата на изборите.

Поддршка за режимот на Лукашенко досега пружија претставниците на Русија, Иран, Сирија и Куба.