Комеморативна седница во чест на починатиот писател Мето Јовановски

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во понеделник ќе одржи комеморативна седница во чест на починатиот писател Мето Јовановски, кој беше првиот претседател на Комитетот. Јовановски почина во петокот, а денес ќе биде погребан во родното Брајчино.

Тој е македонски раскажувач и романсиер. Бил претседател на Македонскиот ПЕН Центар, а остана и почесен претседател на Хелсиншкиот комитет. На 9 ноември 2006 година заедно со Слаѓана Тасева ја основа невладината организација за борба против корупцијата, Транспарентност – нулта корупција.

Јовановски е автор на повеќе збирките раскази, романи, но и на книги за деца, патеписи и радио и ТВ драми. Бил и преведувач од англиски и руски јазик, составувач на антологии и лексикони. Неговите дела, особено расказите се објавувани на повеќе светски јазици.

Комеморативната седница ќе се одржи во ГЕМ клуб, во 13:30 часот.