Комедијата „Стјуардеси“ на кавадаречки дијалект гостува во Скопје

По осум распродадени репризи во Домот на културата „Иван Мазов-Климе, претставата „Стјуардеси“ на кавадаречкиот театар, во понеделник гостува и во Домот на АРМ во Скопје. Комедијата по текст на Марк Камолети, во режија на Диме Коцевски е закажан за 20 часот.

„Иако урнебесната комедија на Камолети е еден од најпоставуваните текстови, сепак, уникатното режисерско гледање на Диме Коцевски и дава една сосема нова свежина, и прави да почуствувате дека гледате една сосема нова претстава која надополнета со неочекуваните сцени, специјалните гости и кавадаречкиот дијалект кој провејува низ дел од сцените, ќе ве насмее до солзи“, најавуваат организаторите.

Покрај режисерската Коцевски има и актерска улога. Покрај него, на сцената, ќе ги видиме и Видан Станоев, Валентина Ѓорѓиева, Зорица Стефковска, Ребека Малиминовска, Никола Деков и Костадин Прокопов, кој пак, одбележува 20 години успешна театарска дејност.

Билетите чинат 200 денари и ќе се продаваат на билетарата на Домот на АРМ денес, во сабота и во понеделник во периодот од 17 до 20 часот.