[Колумна] Волонтерство – помагање на заедниците, а не бесплатна работна сила за институциите

Граѓаните на Македонија имаат порив и основно разбирање за волонтирањето, а тоа го докажаа во повеќе наврати досега, особено за време на големите регионални и меѓународни граѓански кризи и катастрофи. Граѓаните на Македонија масовно се вклучија во донирање помош и волонтерски ангажмани при поплавите во Србија од 2014 година, како и при бегалската криза на мигрантите од Сирија и Авганистан која ескалираше во 2015 година и која сè уште трае.

Овие примери се показател дека постои граѓанска подлога за понатамошен развој на концептот на волонтерство и помагање на заедниците во Македонија, единствено доколку во улога на промотори и организатори се појават граѓанските организации, локалните самоуправи и државните институции. Без сериозен системски и организиран пристап, граѓанскиот порив да се помогне ќе остане само искра надеж и нема да се рашири низ различните заедници на национално ниво.

Како одговор на подготвеноста на граѓанските организации да се јават во улога на организатори на волонтерска работа, државата мора да почне да води волонтерски политики за промоција на вредностите на овој концепт и за поддршка на сите субјекти кои можат да се појават во улога на посредници меѓу граѓаните кои имаат потреба од помош и граѓаните кои сакаат да помагаат.

[Колумна] Волонтерство - помагање на заедниците, а не бесплатна работна сила за институциите

Развојот на волонтерските политики мора да започне преку ревизија и унапредување на законот за волонтерство и стратегијата за развој на волонтерство во Македонија. Овие два документа се проблематични бидејќи со својата содржина повеќе го регулираат отколку што го поттикнуваат волонтерството. Од денешна перспектива, се чини дека со законот и стратегијата за волонтерство, се создадоа услови државните институции да ангажираат волонтери, како замена за нивно вработување или како лажна надеж дека еден ден овие волонтери ќе станат вработени во соодветната државна институција.

Денес, имаме ситуации во кои млади професионалци по неколку години работат како волонтери во државни институции, за минимален надомест за храна и превоз, како услов за нивно потенцијално вработување, придружен со условот да се поседува партиска членска книшка од некоја од владејачките партии. Наместо благодарности и признанија, волонтерите во македонските институции добиваат 8-часовно ра- ботно време, спротивно на Законот за волонтерство според кој еден волонтер не смее да работи повеќе од 6 часа дневно.

Наспроти ваквото лажно прикривање на невработеноста во Македонија, давањето лажна надеж на граѓаните и злоупотребата на концептот на волонтерството, неопходно е државата и клучните актери да почнат да ги промовираат вистинските вредности и карактеристики на овој бесценет граѓански ангажман.

Првата карактеристика е тоа што волонтерството не се презема заради добивање финансиска награда. Ова значи дека волонтерството не е платена работа, но сепак не е ни бесплатна работа. Волонтерската работа не е бесплатна бидејќи сепак постојат можности за извесно покривање на оперативни трошоци за волонтерите од типот на превоз, храна, освежување, комуникациски трошоци, канцеларија и друг тип на логистичко-техничка поддршка за да може да се реализираат волонтерските ангажмани. Сепак, за своето ангажирање, волонтерите не добиваат финансиски надомести и тоа не го прават и не треба да го прават заради финансиска добивка.

Втора карактеристика е тоа што волонтерството е доброволна активност што зависи исклучиво од слободната волја на волонтерот. Оваа карактеристика ни укажува дека волонтерството во никој случај не смее да биде услов за вработување, ниту пак смее да се поистоветува со практикантството или стажирањето. Практикантството се разликува од волонтерството поради тоа што оваа дејност се поврзува со образовниот процес и со адаптација на граѓаните на пазарот на трудот и крајната нејзина цел е развој на работни вештини кај индивидуата. Стажирањето, од друга страна, е неопходен услов и законски определен минимум временски ангажман за одредено лице да може да добие лиценца за одредена професија. За разлика од овие две активности, волонтерството не смее да биде условено од ниту еден фактор, туку треба да се реализира исклучиво по слободна волја и порив на индивидуата. Дополнителна отстапка која може да се толерира кај оваа карактеристика се извесните програми за волонтирање во училиштата кои го охрабруваат волонтирањето кај младите и кои понекогаш може да се задолжителни.

Третата карактеристика говори дека волонтерството треба да се реализира заради корист за други лица, локалната заедница или за општеството воопшто, а не за лична корист на волонтерот. Тука треба да се има предвид дека не е погрешно доколку волонтирајќи и помагајќи на заедниците, граѓаните развиваат и одредени лични вештини кои понатаму ќе им користат за личниот развој.

Придобивките од овие три клучни карактеристики и вредности на волонтерството може во целост да се исцрпат искучиво доколку организаторите на волонтерска работа развијат програми и системи за планиран волонтерски менаџмент. Волонтерскиот менаџмент започнува со идентификација на потребите од волонтери и со регрутација и мобилизација на граѓани кои се заинтересирани да волонтираат. Менаџмент -циклусот продолжува со поддршка на волонтерите преку ориентација, обука и супервизија, нивно управување и задржување во рамките на организацијата или институцијата, како и со воспоставување систем за оддавање признанија и признавања на волонтерските ангажмани. Организаторите на волонтерска работа треба да запаметат дека сè што прават е во насока на задржување на волонтерот и негова мотивација за посилен ангажман или во насока на негово обесхрабрување и откажување од волонтерството.

Зголемувањето на бројот на граѓани кои им служат на заедниците е од огромно значење за општест- ва како Македонија, особено кога граѓаните не можат многу да се потпрат на сервисите на државата. Затоа, волонтерството треба да се третира во поширока смисла, како помош или самопомош на заедницата, хуманитарни акции, помош при природни катастрофи, филантропија или служење на ранливите, партиципација, граѓански ангажман, застапување, промоција на извесна кауза или како ангажман за менување на свеста кај граѓаните во интерес на некоја општествена вредност.

Марјан Забрчанец

Текстот е дел од публикацијата „Младите одлучуваат“.