[Колумна] Трето полувреме

Ако успеавме да се избориме за независност и пред се мир во најтурбулентните периоди од историјата на западниот Балкан, тогаш сигурно дека сме способни да се избориме и со неповолните предизвици на внатрешен план, пишува Митко Арнаудов, докторанд на Универзитетот во Белград, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Република Македонија, непосредно пред прославата на својата 25-годишна независност, сувереност и државност влезе во третото поглавје од испишувањето на својата (не)славна историја. Додека сите ја предвидуваа нејзината светла иднина, таа започна од внатре да се потресува, како земјотресот во утробата на земјата. Каде македонската држава се изгуби во современите процеси? Дали маглата низ која поминува станува погуста или едноставно речено „водичите“ постојано се залагаат за „лутање во магла“?

Граѓаните на оваа мала држава веќе се уморни од постојаните дневно-политички преврати и „куглањето“ на македонската политичка сцена каде единствено тие се губитници, заедно со нивното лично, професионално и економско достоинство. Сè помалку ги следиме процесите на напредок, сè повеќе се учиме да живееме одејќи со „чевлите закачени на рамењата“. Играме скржавци како во приказната на Ѓорѓи Колозов или се помируваме со нашата судбина? Го преживеавме и понатаму го преживуваме негирањето на македонскиот државен идентитет, ја издржавме играта која ги стави Македонците и Албанците во спротивставени ровови, но дали ќе го совладаме трендот на екстремна партиска поларизација во македонското општество? Тренд кој не само што успеа по кој знае кој пат да креира отворени непријателства помеѓу граѓаните на оваа држава, туку успеа да ги покаже и вистинските „потрошени“ лица на македонската политичка елита.

Едни исти луѓе ја водат оваа држава во нејзините скромни 25 години самостојност. Не само што не се менуваат, туку сè повеќе се приклонуваат и кон усвојувањето на султански начини во владеењето. Државата и институциите започнаа да ги пренесуваат од колено на колено, впрочем како да го делат имотот на дедо им. И власта и опозицијата и албанските и македонските партии ги редат низ своите неуспеси, но не се предаваат, нити прифаќаат пораз. Патем свесни, дека се македонските граѓани, без разлика на нивната етничка и религиска припадност, мирни следбеници, сè почесто послушници и изразени конформисти кои немо се соочуваат со секојдневните (не)прилики.

Зарем тоа го заслужува македонскиот граѓанин? Зарем луѓето кои го докажаа својот дух на мирољубивост и изградба на стабилно и безбедно опкружување треба да бидат жртви на своите самоименувани лидери и државници?

Моралот и етиката во кругот на македонските политичари беа секогаш ранлива категорија, но денес тие станаа фиктивна, непостоечка. Идентични инструменти се употребуваат од сите страни! Ако некој умее да објасни како изгледа во пракса да се води макијавелистичка политика, тоа сигурно можат да го направат македонските „политички умни глави“, од едната, и другата страна. За нив институционална инфраструктура не постои, за нив државата е само средство, кое го искористуваат без пардон. Но, лично сметам дека тука е крајот. Не крајот на историјата на македонската државност, туку крајот на едно (не)време, крајот на едно болно и макотрпно созревање. Мирисот на новиот дух се чувствува помеѓу македонските граѓани. Новата опција, новата алтернатива е на повидок. Дантеовото чистилиште го надминува македонската држава. Пишуваме нови страници, но светлоста на новите страници ќе биде блескава само ако тоа го работиме обединето.

Заедно, млади и стари, Албанци и Македонци, професори и студенти, лекари и мануелни работници, земјоделци и бизнисмени. Обединето кон една заедничка цел, поткрепена со единствена идеа, успешни македонски граѓани во просперитетна и одржлива држава Македонија. Искористувајќи ги демократските инструменти и механизми кажете НЕ на веќе постоечките политички опции, слободно кажете им дека се потрошени, деструктивни, безидејни и фрлени на прагот на заборавот. Започнете четврто полувреме со нови играчи и иновативни стратези, затоа што оваа држава не е фудбалски натпревар кој се завршува после две полувремиња. Оваа држава се нејзините граѓани кои умеат да ги препознаат вистинските вредности и да ја започнат низата на нови и пред сè со успех испишани поглавја. И ајде уште еднаш од почеток.

Ако успеавме да се избориме за независност и пред се мир во најтурбулентните периоди од историјата на западниот Балкан, тогаш сигурно дека сме способни да се избориме и со неповолните предизвици на внатрешен план. Политичарите се менлива категорија секаде во светот, така ќе биде и во нашата држава. Рецептот на успехот е во изградбата на граѓанска македонска држава, но тоа не успеаја да го направат досегашните политичари од сите табори. И нема понатаму „политички кредити“ за нив, сите ги потрошија. Граѓаните на македонската држава веќе тргнаа, барајќи „мирни“ води за својата иднина, освојувајќи широко море за исполнување на своите огромни амбиции и очекувања.