[Колумна] Студентски картички и испити со отворени книги

По поминат еден семестар на постдипломски студии во Германија, почнав за секоја работа тука која ме воодушевува, а е поврзана со моето студирање да си барам одговор како е кај нас и што треба да се направи за тоа да се смени или да се достигне ова подобро ниво. Мислам дека за пет месеци насобрав доволно материјал за да напишам барем десетина колумни во кои би вршела споредба на работите, но за да не станам здодевна, ќе пробам сите разлики да ги срочам во еден текст и целиот мој револт кон стагнацијата на нашите македонски образовни институции да го покажам тука.

Но секако, овој текст најмногу го пишувам со цел да потикнам или освестам некој професор, асистент или министер да излезе од матрицата дека кај нас е сè супер и да проба да имплементира некоја од овие поволности за студентите .

Веднаш по моето пристигнување во областа Саарланд како студент по европско право во Германија ја добив и мојата студентска картичка. Содржи ИД-број на студентот и имe и презимe. Навидум обична картичка, но таа носи огромен број на  бенефиции додека си студент, за разлика од македонската.  Сепак, најголемата предност на оваа картичка се придобивките кои ќе ги добиете по завршувањето на студиите, колку врати ќе ви отвори на пазарот на трудот, но секако само на интернационално ниво, на жалост.

Картичката ја плаќаме 160 евра за еден семестар, што за  германскиот стандард е многу малку, а дава многу привилегии и штеди многу повеќе пари. Најбитно е што ги мотивира студентите на здрав живот со многу спорт, изучување на јазици и културно издигање.

 На кампусот со студентската картичка ми е овозможено да учам кој било јазик беспари. Потребно е само да се пријавиш и да поминеш тест за да те сместат во соодветното ниво. Можеш да одбираш помеѓу англиски за правници, економисти, потоа германски, француски, руски, шпански итн. Само за споредба, во Македонија месечен јазичен курс чини 1000 до 1500 денари, така веќе оваа картичка ти заштедила од 8000 до 12000 денари годишно.

И не само јазик, можеш да бираш и кој спорт сакаш да го практикуваш. Постои програма, од понеделник до петок од 9.00 часот наутро до 23.00 часот, треба само да најдеш време и да имаш желба, а пари како што кажав и не мора. Сè ти е бесплатно. Од теретана, аеробик, зумба или пилатес или можеш и да станеш член на некој од универзитетските спортски клубови, редовно да тренираш и да се натпреваруваш во име на факултетот. Во Македонија ова задоволство би те чинело  минимум 1000 денари месечно. Така што, еве повторно заштеда од 8000 денари.

Оваа картичка ти овозможува да се возиш со било кое превозно средство (воз, трамвај, автобус) бесплатно во целата земја. Потоа доаѓаат бесплатните влезници за театар и опера (освен  во текот на викендот) и безброј попусти за кино, базени, музеи, изложби, лизгалиште, натпревари итн. И тука ќе престанам да набројувам и споредувам во пари колку поевтин живот ти овозможува, бидејќи одамна веќе ја исплативме.

Навистина е убаво да си студент тука, многупати се чуствуваш не само ценето туку и привилегирано, па кој може да се пофали со олку попусти и привилегии. Кај нас пензионерите, тука студентите.

Доста споредував вредности и говорев за разликите во студентскиот стандард овде и во Македонија, ајде сега малку за квалитетот на образованието кое ти го овозможува оваа картичка.

Додека студирав на државниот Правен факултет во Скопје, испитите беа конструирани така што мораш многу работи да ги учиш напамет. Се сеќавате нели – застануваш пред огледало, затвораш очи и пробуваш да откопаш тазе залепени бројаници од твојот уморен мозок. Устав, закони, членови од закон итн., без разлика што дури да завршиш со студирање многу од тие закони веќе се промениле. Она што отсекогаш ме лутело во образованието во Македонија, е тоа што не ја добиваш суштината и логиката од предметите која е многу побитна. Системот те претвора во обична машина која треба да репродуцира нешто што можеш утре да го најдеш со еден клик на интернет.

 Во Германија на мојот факултет наместо да учам регулативи и директиви на памет, имам така наречени испити со отворени книги (open book exams) – практични ситуации кои морам да се снајдам и да ги решам со помош на регулативата . И верувале или не, и вака испитите знаат да бидат тешки и има студенти кои секако не успеваат да ги положат. Тоа е можеби така бидејќи ваквите испити бараат од тебе разбирање на суштината и примена на наученото. Ваквите испити ти овозможуваат доближување до практиката.

Практичното  тука е важно. Тоа може да се забележи од безбронијте лаборатории, во кои можеш да забележиш студенти како работат и навечер, потоа библиотеки кои работат до 23.00 часот со многу достапна литература, како и многуте задолжителни пракси за време на студирањето.

Тука би престанала веќе да набројувам и да споредувам, можеби во некој друг допис или во друг контекст. На крајот искрено сум многу среќна кога гледам дека странските донатори и фондации даваат најмногу стипендии за нашиот универзитетски персонал, сè со една цел – да го искусат квалитетот на целиот систем и да почуствуваат колку е добро да си студент во Европа, Америка или во други развиени држави. Но дали им дозволуваат нешто да имплементираат и сменат?

Диана Близнаковска, МОФ „дијаспора“, Германија