[Колумна] Само со автономен универзитет до демократија

Зошто е потребна автономија на универзитетот? Младите академци, студентите и нивните професори во секоја модерна демократија се сметаат за водечка интелектуална сила во општеството, од која зависи и неговата демократизација.

Пишуваат: Константин Битраков и Ивана Туфегџиќ

Во времe коe се цени за исклучително важно за демократскиот курс на Република Македонија, додека сме сведоци на едно од најголемите општествено – политички превирања и длабока криза на претставничката демократија (како и демократијата воопшто), едно од начелата на кое е нужно да се посвети особено внимание е автономијата на универзитетот. Дебатата за автономијата практично започна во 2014 година кога соизмените на Законот за високо образование власта се обиде да ги укине академските слободи. Обидот за контрола на оценувањето на студентите и изборот во звања на наставничкиот кадар на универзитетот, доведе до масовни протести и силен отпор од академската заедница.

Зошто власта толку дрско сака да воведува контрола над универзитетот, во потрага по наводно квалитетен образовен систем? Причините за ова се многубројни, но главно се сведуваат на две – обид да се спречи интелектуалната сила, студентите и професорите, вооружени со знаење и слободна мисла да предизвикаат општествени и политички промени во општествената хиерархија и поредокот и намера да се креира наставна програма според идеолошкиот проект на владеачката партија со која ќе се образуваат и индоктринираат генерации академски граѓани. И двете цели се спротивни на суштината на академската автономија, која во демократските држави е столб на слободата и демократијата.

Автономијата во меѓународни рамки и во РМ

Автономијата на универзитетите во правниот поредок на РМ е уредена со највисокиот правен акт,Уставот. Во членот 46 се гарантира автономија на универзитетот. Поширокото значење на автономијата се уредува во Законот за високо образование. Втората глава од Законот е во целост посветена на автономијата на универзитетот. Таа се остварува преку академската слобода, слободата во управувањето на универзитетите и неповредливоста на академскиот простор.

На меѓународен план, пак, автономијата на универзитетот почесто се уредува во (и од страна на) самите универзитети. Така, најрелевантната дефиниција на поимот автономија ја дава Европската универзитетска асоцијација, која е најзначајниот претставник на универзитетите од 47 земји ширум Европа, меѓу кои и РМ. Во дефиницијата на Европската универзитетска асоцијација автономијата на универзитетите содржи неколку елементи – организациска, кадровска, финансиска и академска автономија. Освен Европската универзитетска асоцијација, соодветно внимание на поимот автономија посветиле и државите членки на УНЕСКО на Меѓународната конференција за академска слобода и автономија на универзитетите одржана во 1992 година во Романија.

Со оглед на тоа дека Република Македонија има за цел да ги следи основните процеси во Европа и во светот, ставовите изразени на оваа Конференција се исклучително значајни при толкувањето на поимот автономија. Според заклучоците на Конференцијата, автономијата може да се набљудува од негативна и позитивна страна. Негативната опфаќа „исклучување на какво било право на државата или пак, на која било друга политичка, религиозна или идеолошка институција да се меша во работата и прашањата на универзитетот или да им наметнува рестрикции“. Позитивната, пак, во себе го вклучува институционалното право на универзитетот, целосно да ги ужива академската слобода и самостојното раководење. Автономијата понатаму се обработува како апсолутна слобода при донесувањето на одлуките, меѓу кои за наставната програма за предметите што се изучуваат и оценувањето на студентите, како и одлучувањето кои лица можат да студираат.

Како автономијата доведува до либерално – демократско општество?

Зошто е потребна автономија на универзитетот? Нужноста од постоење автономија на универзитетите би можела најдобро да се согледа доколку се поврзе со поимот демократија, кој е идеал и на нашето општество. Односно, доколку демократијата е совршенство кое треба да се достигне, посоодветно би било да се говори за непрекинат процес на демократизација. Тој процес, пак, во себе ги вклучува политичкиот плурализам, слободата на мислата, слободата на изразувањето итн. Младите академци, студентите и нивните професори во секоја модерна демократија се сметаат за водечка интелектуална сила во општеството, од која зависи и неговата демократизација.Автономијата на универзитетот, пак, доведува до интелектуална автономија, односно самостоен пристап при интелектуалното обликување на студентите, што е предуслов за остварување на демократијата.

Ако универзитетот ужива целосна автономија, без државата да прави упади во неа, тогаш тој слободно одлучува какви сознанија ќе им пласира на своите студенти, а со тоа ќе придонесе за развој на различна и автентична мисла, која понатаму се развива во критички однос кон државните прашања.

Освен тоа, критичката мисла на студентите може да се развие и преку механизмите кои овозможуваат плурализам во нивното претставување во универзитетските тела, преку различни студентски организациии, кои за довербата на студентите би се натпреварувале на избори. За жал, досега монопол на претставувањето на студентите имаше Студентскиот парламент, кој главно го водеа кадри од партијата на власт, но почна да се разбива со појавата на Студентскиот пленум.

На овој начин уште во академската средина студентите би се стекнувале со свест за политички плурализам. Ова не е единствен пример за тоа како универзитетската автономија може да влијае на создавањето на либерално – демократско општество, бидејќи постојат и низа други начини на кои слободите и правата гарантирани во Уставот (како предиспозиција за создавање либерална демократија) можат да се развиваат во академската средина.

Членовите на академската заедница, најнапред студентите, а по нив и професорите ја согледаа важноста од автономијата на универзитетот. Токму од таа причина во 2014 и 2015 година тие цврсто се спротивставија на мерките кои власта ги предложи, за да ја ограничи автономијата.

Она што во овој момент е клучно е да се продолжи дебатата за автономијата, односно да се продолжи делувањето на студентите и професорите, бидејќи единствено на тој начин ќе се создадат идни генерации кои во себе ќе носат капацитет за развивање и чување на демократските вредности и за создавање нормална, аргументирана и здраворазумска политичка дебата.

„Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ