[Колумна] Поделеноста го запали Стокхолм

[Колумна] Поделеноста го запали СтокхолмСтокхолм гори последнава недела. Можеби бруталноста на опасноста од немирите не е толку голема колку што звучи кога медиумите го пренесуваат тоа, но бруталноста на проблемот дефинитивно е. Шведска е земја во која 19% од граѓаните имаат потекло од други земји (најмногу поради прилично либералните политики во врска со имигранти и азиланти од земји во развој). Шведска е исто така земја која е исклучително социјална, чија што Социјалдемократска партија меѓу 1965 и 1974 година спровела проект наречен “Програмата Милион“. Проектот имаше за цел да изгради еден милион станови со доволно квалитетни можности за образование, здравство и сите останати јавни услуги, а притоа сето тоа да се изведе на едно основно ниво.

Социјалдемократите успеаја да ги остварат своите ветувања и да го изградат тоа што било планирано, иако подоцното населување на тие подрачја не било според планираното. Имено, иако планирале да се населат мешани семејства од различни слоеви, овие населби беа целосно населени од семејства со имигрантско потекло од пониските социјални слоеви. Ова е интро на пожарите и немирите кои се случуваат во моментов. Вакви судири меѓу малцинствата и полицијата се случувале неколку пати во различни градови.

Немирите овој пат почнаa од еден инцидент:  полицијата уби 69-годишен човек во еден од овие делови од градот, тврдејќи дека било самообдрана (наводно, човекот држел нож). Згора на тоа, во јавност полицијата изнесе неточни информации – тврдејќи дека човекот починал на пат кон болницата, иако веќе бил мртов на лице место. Ова беше доволен повод за младите од овие населби да го изразат својот револт кон полицијата така што првата вечер запалија 4 автомобили. Полицијата првата вечер, тотално неподготвена за ваква реакција, била, според изјавите на младите од населбата и снимки, брутална спрема нив и воедно дофрлала дискриминаторски коментари од типот на “одете си дома“. Понатаму, младите од овие населби продолжуваат да палат автомобили низ повеќе населби каде што главно живеат имигранти, како и да ја напаѓаат полицијата со камења. Можете да ја видите атмосферата од една од населбите тука. Протестите и палењето на автомобили продолжуваат скоро секоја вечер, иако ситуацијата не е толку немирна ниту брутална како првата вечер. Деновиве протестантите оставаа пораки кај сите жители дека доколку нечиј автомобил е запален, а не е покриен од осигурување, тие ќе ги покријат трошоците за штетите.

Овие настани секако ги разгореа страстите на сите во земјата, така што медиумите и политичките партии почнаа да собираат поени од ситуацијата. Како што можете да замислите, сите медиуми и политички партии десно на политичкиот спектар сметаат дека ова е резултат на премногу либералните политики во врска со имигранти и дека Шведска треба конечно да ги заостри политиките. Оваа група исто така смета дека овие млади кои ги организираат немирите се необразовани, агресивни и често се повторува дека не се Швеѓани. Овој наратив преминува доста често во националистички, дискриминаторски и расистички изјави (особено поради фактот дека имигрантите доаѓаат генерално од африканските земји и Блискиот исток). Од друга страна, левите медиуми и посоцијалистичките партии говорат за неуспешноста на интеграциските политики на Шведска во изминатите години и за разликите меѓу класните слоевите. Разликите меѓу слоевите велат дека за 2012 просечната заработувачка во Хусбу (каде немирите почнаа) е 182.000 шведки круни, во Стокхолм  е 303.900, а во Нормалм (централна населба главно населена од етнички Швеѓани) е 377.000 шведски круни. Невработеноста, пак, во Хусбу се искачува на 8,8%, додека во Стокхолм е 3,3%, а во Нормалм е 2% (информации од Статистичкиот завод на Шведска).

Поделеноста го запали СтокхолмИнтересно за мене беше тоа што ова е конечно отворена тема на дискусија. Дискусијата, за разлика од Македонија, не ја водат само експерти. Дискусија има на многу различни нивоа: од новинари, политичари, протестанти, невладини и обични граѓани. Главниот утрински градски весник – Метро пишува за идеите и размислувањата на 25 обични граѓани за коренот на проблемот и нивни лични идеи за како би требало да се истиот да се реши. Ова беше исклучително освежувачки за мене, искреноста на луѓето и начинот на нивните размислувања навистина успева да долови некаква слика на граѓанско општество, како и разбирање за индивидуалните елементи на проблемот – момент и чувства кои ниту една статистика не може да ги долови.

Конечно, од лична перспектива, јас до неодамна живеев во тие имигрантски населби. Реалноста е дека Стокхолм е целосно поделен. Луѓето воопшто немаат начин ниту простор да се сретнат, да се запознаат и разберат меѓусебно. Иако Шведска вложува во бесплатно неограничено образование на имигранти, особено за шведски јазик, каде исто така дава стимулација од 1.500 евра за успешно завршување на курсот и имигрантите прилично добро го говорат јазикот, тоа не придонесува за двонасочна комуникација и разбирање меѓу групите. Граѓаните од овие две групи живеат потполно паралелно едни со други, почнувајќи од населбите во кои живеат, училиштата кои ги посетуваат, супермаркетите каде купуваат и местата каде излегуваат.

Се надевам дека овие настани ќе ја отворат неутралната и неконфликтна Шведска за подлабоко навлегување во суштината на проблемот и на двонасочна комуникација и разбирање на луѓето со различни проблеми од нивните. Исто така сметам дека голем дел од етничките Швеѓани се израснати во општество во кое скоро се совршено функционира, поради што за многу од нив е исклучително тешко да ја разберат дискриминацијата, проблемите и отфрленоста со кои се соочуваат младите имигранти во Шведска. Овие денови Стокхолм ме потсети на Скопје, па се надевам дека и ние можеме еднаш да научиме лекција од грешки на другите. За едно сум сигурна, никој не се родил со сон или желба да пали автомобили, да биде невработен или агресивен. Остани паметно, Скопје.

Маја Стојановска, МОФ “дијаспора” Шведска, Стокхолм