[Колумна] Во оваа држава најлесно е да се студира, но најтешко да се работи

невработеностНајлесно во оваа држава е да се студира, а најтешко да се работи. Младите завршуваат средно образование, без воопшто да бидат квалификувани за било каква работа. Потоа, се запишуваат на факултет кој не соодветствува со потребите од пазарот на труд. Откако ќе завршат и не можат да се вработат, одлучуваат да магистрираат. Но, и како магистри тешко наоѓаат работа, бидејќи бројот на овие кадри се повеќе се зголемува. За да не седат џабе, дури и докторираат.

Вака „квалификувани“, ем не знаат да работат, ем не прифаќаат било каква работа.На интервју со работодавецот, тие ги диктираат условите на игра. Оттука, не е ни чудно што компаниите мака мачат да најдат соодветен кадар за работа, иако процентот на невработеност во државата изнесува 32%. Најмногу се бараат оние кои завршиле на некој од техничките факултети, но и со средно стручно образование.Тие пак, со боринче се бараат на пазарот.

Во структурата на невработени најмал процент има со оние со средно стручно образование. Со отворањето на дисперзирани студии во другите градови и зголемениот број на приватни факултети изминатите години, трендот на невработеноста кај оние со високо образование се зголемува. Оттука, аналитичарите на пазарот посочуваат дека алтернативата лежи во намалување на притисокот врз универзитетите и засилување на средните стручни училишта. Од Занаетчиската комора во Скопје, велат дека во моментов образовните програми во средните стручни училишта во Македонија се од 1978 година.

Образовните програми во средното и високото образование треба да бидат направени така што ќе ги задоволат потребите на пазарот на труд. Во спротива и понатаму ќе продолжат да се продуцираат неефиктивни кадри кои без разлика што се образовани, за ништо не служат на пазарот на труд.Тие ќе се бројат во редовите на невработени, и ќе си седат без пари и никакви примања. Тоа најдобро го илустрира еден статус на Фејсбук кој вели „не е срамота да копаш канал, срамота е на 30 години да бараш од родителите пари за излегување.“

Комуникацијата не штима или воопшто ја нема меѓу она што го бараат работодавците и одговорните во образованието. Министерството за образование недоамна најави мирување на повеќе студиски програми од кои пазарот на труд е заситен и ги има повеќе отколку што треба. Но, по негативните реакции на јавноста и професорите се повлече од идејата. Државата, преку различни мерки треба да влијае врз свеста на младите да разберат што значи да студираат на факултет кој е баран на пазарот на труд.

Преземено од Е-магазин