[Колумна] Новата глобална развојна агенда

Здравјето на жените е подобрено, се намалува стапката на смртност. Сепак овој развој не е еднаков и сè уште има големи разлики во самите земји, но и помеѓу различните земји, пишува Даниел Калајџиески, програмски координатор во ХЕРА во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

[Колумна] Новата глобална развојна агенда

Понекогаш ни се чини дека она што светските лидери го договараат на големите самити во седиштата на светските организации е само уште еден документ во кој не сите веруваат дека нешто ќе промени. Децении наназад, историјата на светските организации го потврдува ова, но истовремено покажува дека глобалните напори даваат резултати во различни области.

Оваа и следната година се особено значајни затоа што два важни светски процеси се заокружуваат и почнува планирањето на следните глобални стратегии за развој. Но, кои се тие важни процеси?

Пред 20 години во Каиро на Меѓународната конференција за население и развој на едно место беа собрани светските лидери и претставниците на граѓанскиот сектор. На овој значаен настан беа поставени многу нови насоки за тоа што значи и како треба да се постигне поголем и поправичен развој во светот. Оваа конференција е од голема историска важност. Затоа што населението повеќе не се гледа како само една група над која што и за која што се преземаат различни мерки, туку фокусот се стави на поединецот, индивидуата, жената, мажот, детето. Оваа конференција отвори и многу нови прашања, кои што, пак, претходно не така радо се артикулирале. Програмата за акција од Меѓународната конференција за развој и население донесе многу нови аспекти на кои што државите во светот се фокусираа во своите политики. Оваа програма го става фокусот на родовата еднаквост и го стави вниманието на светската јавност кон прашањата за вклучувањето на жените на сите нивоа на општественото живеење. Но, ова исто така значеше и вклучување на мажите во овие процеси, затоа што тоа не е само женска борба, туку борба на сите, за поправичен развој.

Од друга страна, Програмата за акција става голем фокус на човековата сексуалност и репродуктивното здравје. Сексуалноста и нејзиниот развој се признава како важен дел од општиот личен развој, се нагласува потребата од остварување на заеднички врски на почитување помеѓу родовите, а уште повеќе се нагласува и потребата од соодветни информации кои што се однесуваат на сексуалноста. Младите исто така се дел од овој фокус и се признава потребата од нивно вклучување во активности кои што се однесуваат на сексуалноста и репродуктивното здравје.

Во тоа време, за дел од претставниците, вклучувањето на абортусот, односно пристапот кон услуги за легален и безбеден абортус, како дел од основната здравствена заштита за жените, беше прифатено и со неверување. Сето тоа беше нагласено за да се спречи и смртноста кај жените поради компликации од небезбедни абортуси. Она што се однесувало на репродуктивните права е токму одлуката на секој поединец да стапи во врска, да основа или не семејство или, пак, да одлучи дали и колку деца има. Сите овие важни одлуки недвосмислено ја покажаа потребата од поголем фокус на сексуалното и репродуктивното здравје и права, за да може секој поединец да очува слободно за своето тело и слободно да донесува одлуки.

Прашањето сега е: што се случи по 20 години од оваа Програма за акција? Дали нешто се промени? Овие 20 години кои што се сега за нас на светско ниво покажаа позитивен развој во однос на зголемениот степен образование меѓу жените, поздрави семејства, а сето тоа влијаело на зголемување на бруто домашниот приход. Здравјето на жените е подобрено, се намалува стапката на смртност. Сепак овој развој не е еднаков и сè уште има големи разлики во самите земји, но и помеѓу различните земји.

Покрај процесот којшто беше започнат со Меѓународната конференција за развој и население, исто така важни се и Милениумските развојни цели. Новиот милениум, во 2000-та година започна токму со Милениумската декларација на Обединетите нации, која ги постави осумте цели, а се однесуваа на намалување на светскиот глад, подобрување на образованието, постигнување на подобра родова еднаквост, намалување на смртноста на мајките, борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија, како и создавање на одржлива животна околина.

Милениумските развојни цели беше предвидено да се остварат во период за 15 години, а тоа завршува идната година. Повторно, важно е да си го поставиме прашањето што беше постигнато во овие 15 години. Светската сиромаштија се намалуваше, сè повеќе деца беа вклучени во образовните процеси, сè повеќе деца почнаа да посетуваат училишта, детската смртност драстично беше намалена, а светот покажа дека може да се справи со големите епидемии на СИДА, туберкулоза и маларија. Иако прогресот беше недвосмислен, сепак искуството ни покажува исто толку недвосмислено дека и со исто толку недвосмислено искуството ни покажува дека и со Меѓународните развојни цели постои нееднаков развој.

Токму овој нееднаков развој во, но и помеѓу земјите треба да ги води светските влади и другите активисти кон создавање нова светска агенда која што ќе им помогне на државите да ги надминат овие нееднаквости. Сите овие процеси носат многу специфичности, различни цели, различни фокуси, но она што е најважно и не треба да се заборави е тоа што секој човек заслужува достоинство и тоа треба да ги води сите во овие процеси. Затоа што конечно колку и овие процеси да се случуваат некаде далеку и ни се чинат недостижни тоа се процеси кои што може да ги сменат животите на луѓето во светот, но и нашите.

Иако овие процеси се глобални, тие ќе имаат влијание пред сè на развојот во државите, односно ќе имаат влијание и на она што се случува на локално ниво. Затоа вклучувањето на сите е особено важно за да се обезбеди дека различните потребите на различни групи ќе бидат отсликани во новите планови за развој.

Како тоа да се направи? Овие глобални процеси, гледани од страна се навистина бирократски, исполнети со многу процедури, правила. Но тоа нив не ги прави недостапни. Постојат различни механизми во коишто можеме да бидеме вклучени, но од друга страна потребно е и влијание на домашните политичари, затоа што токму државните претставници се директно вклучени во преговорите за поставување на идните цели.

И затоа што ова е младинска колумна, би ги повикал сите младински активисти, кои што се дел од некоја организација, а преку тоа и дел од некоја поголема меѓународна мрежа да се вклучат во различните консултативни процеси. Затоа што на тој начин може да се даде придонес за создавање на нова поправична глобална развојна агенда.