[Колумна] Нашите драги девојки

Тоа попладне, пред година дена, Марта бргу помина низ дневната соба и се упати кон влезната врата. Не наметна ништо врз себе, не го зема ни мобилниот. Како да имаше нешто поважно од тоа, со момчето, кое зазвони и ја чекаше пред влезот. Ја затвори вратата зад себе, и замина. Со истото момче со кое поминаа неколку години заедно, многу денови и повеќе лета. Замина за кратко. Но, не се врати. Од таа последна средба со него, Марта не се врати.

Што се случуваше од нејзиното излегување од дома, до моментот кога беше пронајдена, смртно застрелана во неговата кола, ќе се обиде да реконструира полицијата, откако набргу ќе ги најде безживотните тела на момчето Кирил, и на уште една девојка, Виолета, на различни места во близината. А, бргу потоа, откако ќе ги прибере сите наоди и увиди, ќе го затвори случајот, како решен. Две убиства и самоубиство. Останатите во тоа ќе видат љубовен триаголник! Освен најблиските.

Но, може ли тука било што да разјасни полицијата, и покрај сите увиди и експертизи? И отпосле? Може ли истрагата воопшто да каже, која беше Марта, како и минуваа деновите, за што се грижеше, на што се радуваше, што и беше најважно? Може ли да одговори, од каде пиштол кај нејзиното момче, и колку Марта, или Виолета, знаеја за ризиците? Што можеше полицијата да каже за довербата, или за наивноста, кои тие ја платија со своите животи?

Марта беше ќерка на мојата прерано почината братучетка. Не ја познавав доволно, за кај неа да ги барам одговорите на прашања “што” и “зашто”, останати по неа. Знам само дека беше мила, повлечена девојка на 27 години, која прерано ја загуби мајка си. Но, гледав како расте. Учеше, студираше, излегуваше, имаше другарки. И момче. Сакаше убави работи, патувања, а покрај татка си, сакаше и театар. Од тогаш, од тој, 30-ти декември 2012, многу често помислувам на неа. Многу почесто, за жал, отколку додека беше жива.

И се повеќе сум убедена дека Марта, и сите безгласно заминати девојки, чии животи насилно беа прекинати само затоа што беа нечии девојки, или жени, затоа што беа вљубени, или неодлучни, или затоа што можеби се плашеа, или не знаеја како да кажат НЕ, кога мислеа или чувствуваа поинаку, дека сите тие не се, и не смеат да останат само “случаи” во аналите на црната хроника. Не смеат да останат прекриени со молк и беспомошност, пред ужасот и болката на нивните семејства, само затоа што мислиме дека тука ништо не сме можеле, или не сме имале што да направиме.

Марта беше девојка од нашето соседство, порасната во семејство на грижливи, посветени родители. Беше пред крај на своите постдипломски студии. Имаше друштво, и блиски пријатели. Но, никој не знае, ниту има како да разбере, знаеше ли Марта доволно, за да ја препознае опасноста, на време? Знаеше ли на пример, дека добивањето на неброени СМС пораки, повеќе значи потреба за контрола, отколку грижа и потреба од блискост, или дека изјавите од типот “никогаш никого нема да сакам како тебе”, или “ќе се убијам ако ме напуштиш” се толку далеку од љубовта, за кои младите девојки сонуваат, а толку блиску до најмоќната манипулација со нивните слободи и чувства.

Знаат ли воопшто девојките, сите наши девојки, дека романтичните врски можат да имаат безброј лица, и исто толку начини, да се задржи “саканата/иот”, по секоја цена, од драматичните љубоморни сцени, до потполната контрола врз нивниот простор, движење, однесување, и блиски? Дека размислувањето во стилот на “се или ништо”, или “ќе биде така, или, никако”, е најчесто одраз на несигурноста и стравот на партнерот, стекнати многу порано, и дека е тоа првото силно предупредување за ризикот од насилни, “ад хок” решенија, на секое наредно недоразбирање, и разлики.

Знаат ли нашите девојки да го препознаат моментот кога, по првиот романтичарски занес, кој ветува исполнување на сите нивни бајковити сценарија, настапува грубото ограничување на слободите, повторно во име на љубовта? Умеат ли во него да ја видат опасноста од голготата која следи, во незапирливата потрагата по докази – за верноста, за вечната љубов и апсолутната вистина, категории кои не постојат во реалноста, а кои мораат да се испорачуваат, секојдневно? Додека незадоволствата, сомничавоста, проверките и несигурноста, продолжуваат да растат. Знаат ли тие, дека “неговата” потреба за контрола, дури и кога се граничи со умот, тие ја “читаат” како љубов, и дека само затоа толку безрезервно и целосно и се предаваат?

Знаат ли тие, нашите драги девојки, дека со својата неодлучност, или страв да кажат НЕ, дури и кога се сомневаат во намерите, или кога својата загриженост одбиваат да ја споделат со најблиските, најчесто за да ги заштитат, дека со тоа го охрабруваат насилникот на уште почудни постапки и решенија, повторно во име на љубовта? И дека со своето предолго трпение и разбирање, токму на таквиот, изместен резон, му помагаат да остане надвор од реалноста, и вон паметта. А со тоа и да посегне по најпогубното решение на проблемот, сметајќи го за единствено можно. Кутрите тие, наши момчиња и девојки.

НО, знаеме ли сите ние, возрасните, поединечно и заедно, низ владините политики, стратегии и кампањи, кои сето тоа го гледаме немо и немоќно, знаеме ли дека за насилството, како решение во интимна врска, МОЖЕ И МОРА да се НАУЧИ КАКО да се препознае, за да се спречи? И дека тоа не се остава на семејството, ниту на домашното воспитание, да го решаваат, самите.

Заедницата, Системот, нивното уредување и вредности се местата каде што мораме да ги побараме одговорите, и Училиштето кое има обврска и задача да им помогне на младите да научат САМИТЕ да се грижат за сопственото здравје и безбедност, во интимните релации. Затоа што во тоа никој не може да ги замени, и никој подобро, од нив самите, нема да ги заштити. Не е доволно, и срамно е кон младите постојано да покажуваме со прст и да ги прогласуваме за недоветни, распуштени, или луди, а нивните трагични искуства да ги припишуваме на судбината, на бога, на младешката непромисленост и наивност, или на родителската негрижа. И притоа постојано и лагодно да се изземаме себе си, како заедница, од одговорноста, кога е предоцна. Немаме право на таквата игноранција и незнаење.

“Чувјате си ги децата”, ни кажа татко и на Марта, на заминување.

А како да ги чуваме, си помислив. И од каде да почнеме? Како да ги чуваме кога 44% од младите меѓу 25 и 35 години немаат постојана работа, ниту редовни приходи, и сеуште живеат со родителите? Тоа значи, не одлучуваат за своите животи, значи, немаат свој живот, ни поле, ни развиени интереси, ни приоритети, ни животни планови, за кои самостојно ќе решаваат, во битката за себе. Како да им помогнеме кога нивната позиција е бескрајно “исчекување”, а бегството од реалноста единствениот модус на живеење, на овие простори. Како да им помогнеме, кога Системот им го “реди” животот со лажни ветувања и коцкарска логика на добитни комбинации, наместо со поттикнување и создавање услови, за нивно учество? Како, кога ги учи судбински да се врзуваат за туѓи вредности и одлуки, за нестварни опции, кои паѓаат на првиот испит на реалноста, во нивните животи. Во свет на двојни пораки, извртени вредности и аршини, се е можно, а ништо не е стварно.

Затоа не сакам, не ми е право да ја препуштам Марта на заборавот. Не сакам, затоа што во неа гледам многу повеќе од еден прерано загубен живот. Во неа ги гледам сите наши девојки, залудно заминати. Во неа ја препознавам трагиката на нивното неискуство, неотпорност, добрина и неостварени соништа…

Затоа, овие новогодишни и божиќни празници ги минувам со Марта. Сигурна сум дека тоа ќе ми помогне да мислам подалеку, и да не престанам да барам решенија, отварајќи широка расправа на темата. Во Марта наоѓам снага да не се откажам од јавно искажаниот збор за “табу темите” за сексуалноста, за романтичните партнерства, за младешките заблуди и ризици, за задоволствата и сексуалните привлечности, за потребата од љубов и припаѓање, и тогаш кога ќе наидам на затворени врати. Само затоа што младите имаат право да учествуваат и да знаат, како и со кого, безбедно да ги остварат и споделат своите интимни искуства.

Марта ме охрабрува да им објавам војна на владините политики за многудетно семејство, и за сите пропаганди и лажни сценарија за среќата и вредноста на семејниот живот, остварени без достоинство, во сиромаштија, и против волјата на жената. И да не престанам да докажувам, колкави се нашите ограничености, закоравеност и незнаење, кога ги премолчуваме овие теми, или кога ги искривуваме, намерно.

Марта ми помага да се спротивставам и на Министерот за образование, кога застанува јавно против сексуалното образование во училиштата, бегајќи од одговорноста во незнаење, кога тврди дека е тоа решено прашање, или кога забранува долго подготвувана трибина на истите теми, во централна скопска гимназијата. Во името на Марта, и на сите останати девојки, жртви на партнерско насилство, ќе покажам колку таквите забрани и ограничувања водат кон слаби и ризични проценки на клучните, предупредувачки знаци на опасноста, и колку тие ја намалуваат шансата за помош, која токму поради незнаењето, доаѓа предоцна.

Не смееме да заборавиме дека тоа и го должиме на младата Марта, и на сите останати девојки кои не успеаја да разберат на време, што точно им се случува, и каде погрешија во проценките. И кои само затоа, најголемата животна лекција ја платија со своите животи. За тоа сме виновни и за тоа мораме да ја поднесеме одговорноста. Без извлекување.

Но тоа нема да биде доволно. Мораме да ги отвориме сите карти и да проговориме, конечно и отворено, за се што ги интересира младите поврзано за сексуалноста и интимните врски. Мораме да почнеме да учиме, за работите да почнат да се менуваат.

ЛИНА ЌОСТАРОВА УНКОВСКА

Извор: Глобуз магазин