[Колумна] Младите-лекот за Македонија

Лекот за Македонија е во нас младите и тинејџерите и ќе и помогнеме на нашата преубава држава на начин што ние сами – секој од нас индивидуално ќе започне промени од корен во нашиот менталитет, во нашиот карактер и во нашиот начин на размислување, пишува Јовица Јанковиќ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во нашата држава секој возрасен, секој тинејџер и секое дете знае се за политиката и која партија е на власт, кој е министер без ресор, па дури и ги знае пратениците од Собранието па се до опозицијата. Ако направиме компарација со младите од другите држави надвор од Балканот, ќе откриеме дека скоро никој од нивните млади и тинејџери не го знае ниту премиерот на нивната влада и сигурно ќе се зачудат ако ги прашате зошто не знаат како се викаат нивните политичари.

За жал, и ние младите во Македонија, иако не сакаме да знаеме, и не треба да не интересираат толку многу прецизни информации за нашата политика, за нашите политичари и Владата, сепак сме секојдневно преплавени од информациите за тоа кој што политичар направил или премиерот во кој момент каде е, а демек се со цел да ни се укаже, ете колку напред оди оваа наша напатена државичка уште од времето на Византија преку Османлиите па се до денешен ден.

И така, кога се будам наутро, и колку да сакам да поверувам и да видам напредок, повторно сфаќам дека пак најголем дел од младината го фатила првиот лет до Германија или влегле во автомобилите и по автопатот останат од социјализмот ја напуштаат Македонија. Како млад човек, средношколец си размислувам како може да се направи промена и ние тинејџерите но и постарите младинци кои што имаат години колку што има и оваа наша независна Македонија, како да се бориме за неа а да не се чувствуваме обесхрабрени кога и на младите што ја напуштија државата им ветувале, а на нас тинејџерите се уште ни ветуваат промени на добро, промени по скандинавски систем и сеуште ни го влеваат тоа чувство на патриотизам за да не ни се случи дури ни факултет да не завршиме туку веднаш после средно школо и ние да ја напуштиме државата.

Боже, боже… кој ќе ни остане во оваа државичка.

И тогаш ја дигам главата и сфаќам, па си велам “Млад ли си, стар ли си, фати нешто работи и смисли начин, најди лек за да ја заздравиме нашата држава“. И тогаш сфаќам дека ние младите и тинејџерите сакаме и треба да се обединиме за да покажеме дека сакаме промени.

Ама јас не велам дека тоа значи да тргнеме сите на протести и само да се шетаме од протест до протест, јас велам промената да почне од кај сите нас, и тоа со најосновните промени, да ја фрлите мастиката или лименката кога ќе завршите со нив во канта или чувајте ги додека не најдете некоја канта во близина, па ако нема доволно канти во таа област или во вашата општина, тогаш направете нешто добро и напишете барање до вашата општина за да постават канти. Тоа е добар почеток. Па, кога ќе Ви тргне лекувањето на Македонија, ќе се вклучите во организации, здруженија кои што се занимаваат со општо-корисни работи помагајќи им на општините, населбите и градовите да си ги решат своите комунални и слични проблеми со што секако ќе вложите свој дел во заздравувањето на системот. Можеби Ви звучи смешно и ќе почне да Ве гризе “Балканскиот менталитет“ – демек кај те најдоа од сите баш тебе… и ти ќе си ја спасел државава… ај бегај бркај работа.

Ве молам да не се враќаме назад педесет или петстотини години како држава, туку да реагираме како народ кој што одолеал на сите искушенија и да продолжиме со европски поглед.

Преку глава ми е и срам ми е да гледам како амбасадорите кои се сместени во нашата земја ни организираат акции за чистење и го прават тоа што ние треба да го правиме. Па не се замислил некој дека ова нема да влијае позитивно кај сите други луѓе? Секоја недела за викенд секогаш полиција казнува околу 150 возачи во една вечер затоа што возат во алкохолизирана состојба, и секој втор ден гледаме некоја несреќа на пат и пак не ни доаѓа паметот! Абе што народ ќе бевме, не сакам да помислам дека Сталин треба да биде на власт, па ние да почнеме да функционираме? Треба некој да не тепа и убива за да ни дојде памет?

Лекот за Македонија е во народот, лекот за Македонија е во нас младите и тинејџерите – ние сме лекот за Македонија и ќе и помогнеме на нашата преубава држава на начин што ние сами – секој од нас индивидуално ќе започне промени од корен во нашиот менталитет, во нашиот карактер и во нашиот начин на размислување, и со тоа ќе го пренесуваме на другите наши пријатели и другари за тоа да стане заразно и како вирус, но овој пат позитивен вирус и да го зафати целото население во оваа држава и да му го смени менталниот склоп, и да му го избрише делот од малиот мозок кој што се однесува на омраза, љубомора, квази-патриотизам и национализам, а на негово место да засади вистински патриотизам, љубов, воља и идеа за сакање на нашата држава, за економски просперитет, за чист воздух, за безбедност. Затоа велам се почнува од нас младите, и се почнува со основни елементарни работи како азбуката што се учи од буквата А.

Лично знам по себе, јас веќе две години членувам во неколку невладини организации и граѓански здруженија и редовно се залагам за сите интереси кои ги засегаат младите и средношколците без разлика дали се работи во делот за образованието или делот за вело-култура или екологија или за промовирање на нашата земја на форуми во странство, и се чувствувам и полн со себе и задоволен затоа што знам дека не сум се трудел на празно и лично поттикнувам многу од моите другари и пријатели да се приклучат затоа што секоја од овие организации ако ништо други Ви нуди еден почеток на ментално размислување за себе како тинејџер, каде си ти како тинејџер во твојата земја и сакаш – нејќеш ти создава начин на позитивно мислење и ти вградува амбиција на ете млад тинејџер да се вложи себеси во општеството.

И тука е лекот, сфатив дека ние младите и тинејџерите сме лекот затоа што ние го пронајдовме во нас и сакаме да го искористиме за да ја вратиме Македонија на вистински пат, да ја заздравиме и заедно со неа да зачекориме напред затоа што пред нас е животот…!