[Колумна] Македонија е жена – дефинитивно!

Доста веќе овие ВКВ „мажи“ (како што ги нарекуваше еден писател и академик), ја присилуваа и сексуално ја злоупотребуваа Македонија. Кутрата таа, со сите тие државници, војводи, пастири, лидери на опозицијата и на позицијата, „сељаци“ и „дечки“… Да не правиме муабет дека тоа ѝ го правеа уште додека беше малолетна…

Пишува: Зоран Бојаровски

Бесмислено е да опишувате или да пишувате за фотографија. Тоа се коси со сите правила и принципи, бидејќи фотографијата, сама по себе и за себе, е порака со илјада зборови. Најмалку. Навредливо е за фотографијата и за авторот да го правите тоа. Но…

Има исклучоци. Има исклучоци што го заслужуваат тоа како оддавање признание и респект…

Фотографијата* што ја инспирираше оваа колумна има и поширок општествен контекст…

Погледнете ја фотографијата: Бестрашна, таа стои пред полицискиот кордон со говор на телото посилен од кој било збор.

За мене фото-новинарството отсекогаш било еднакво важно колку и пишаното новинарство. Никогаш не сум ја сметал фотографијата за придружен елемент, за илсутрација. Фотографијата е помоќна од зборот и многу поизнијансирано ја опишува конфронтацијата меѓу граѓаните и лошата политика. Помеѓу граѓаните и неслободните држави. Режимите.

Да се фотографираат протести е исклучително возбудлив начин за да се стави на увид судирот меѓу одметнатата политичка моќ и граѓаните.

Фотографската рамка во која се ставаат спротивставените сили, како што се оние на слободоумните граѓани и силата на автократските режими, ја исфрла во фокусот природата на промените што неминовно произлегуваат од еден таков судир.

Фотографијата што ја инспирираше оваа колумна има намера да ја претстави таа тенденција – промените – со моќта на својата комплексна порака и да им се обрати на сите граѓани без исклучок. Не само на тие што во моментот на настанување на оваа фотогтрафија биле на улиците.

Уште од првите денови на фотоновинарството, фотографијата најави дека секогаш ќе ја отсликува неправдата, ќе ја прави видлива и, на тој начин, ќе го изложува општеството што продуцира неправда, на ѕидот на срамот.

Погледнете ја уште еднаш фотографијата! Храбра и жестока, таа стои пред репресивните сили бројни.

Не го гледаме нејзиното лице, но нејзиниот пркос е толку гласен. Таа е сама, но исполнета со слобода. Слобода која ѝ дава толку многу храброст за да застане пред репресијата.

Пред неа е репресијата во збиени редови од службени лица и тие функционираат само такви: како корумпираната моќ, која се крие зад мноштвото платени службеници, збиени еден до друг, се допираат, за да можат да си ја пренесуваат репресивната сила која треба да ја насочат кон пркосот. Кон оваа слободна личност, зашто таа, таква слободна е сѐ што заробениот ум не е.

Таа знае дека има право да биде непослушен граѓанин. Ставот на девојката на оваа фотографија ја отсликува граѓанската непослушност и како естетска интервенција. Нејзиниот став пред репресијата е перформанс, театрален и драматичен аспект на граѓанската непослушност како естетска интервенција на тие што авторитарниот систем сака да ги исклучи.

Погледнете го уште еднаш нејзиниот став. Тој став, овој естетски израз може да го направи само девојка, само жена. Ако не се сложувате со ова, замислете маж во овој став! Не оди, нели?

Затоа, повикувам уште еднаш: Македонија е жена и време е да го признаеме и да го прифатиме тоа. Во име на иднината, во име на заблудите, грешките и на изгубеното време. Време е! Во име на отпорот на патријархатот, во име на отпорот кон тоталитаризмот. Во име на отпорот кон нетолеранцијата и кон дискриминацијата и да прифатиме дека овие феномени се дело на владеењето на „мажите“. На „татковците“.

Тоа што е парадокс во оваа ситуација е дека тие појави, тоталитаризмот, нетолеранцијата, дискриминацијата, хомофобијата, омразата, се инструмент на татковците на нацијата, на пастирите, со кои тие самите се хранат. Ја одржуваат својата власт и контрола со сексизам, национализам и со милитаризам. Доста е. Доста веќе овие ВКВ „мажи“ (како што ги нарекуваше еден писател и академик), ја присилуваа и сексуално ја злоупотребуваа Македонија. Кутрата таа, со сите тие државници, војводи, пастири, лидери на опозицијата и на позицијата, „сељаци“ и „дечки“…

Да не правиме муабет дека тоа ѝ го правеа уште додека беше малолетна…

Погледне ја фотографијата. Оваа девојка е бунт. Оваа девојка не ги прифаќа притисоците и ограничувањата и тоталитаризмот на „мажите“. Таа го олицетворува отпорот кон политичкиот концепт кој граѓаните, а особено жената ја става само во традиционалните улоги на сопруга, мајка и им ја одзема улогата на слободни и креативни граѓани.

Оваа девојка го симболизира ставот на директно спротивставување на идејата дека еден човек, маж, „татко“ има право да ја дефинира реалноста во која тие ќе живеат.

Македонија е жена и време е да го прифатиме тоа.

(Посветено на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ)

 

*Редакцијата на СПФМ се обиде да го открие авторот на фотографијата, но до објавувањето на колумната не бевме во можност да ја објавиме и таа информација.


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).