[Колумна] Колку се (не)заштитени правата на студентите

[Колумна] Колку се  (не)заштитени правата на студентитеКолку пати сте биле во следнава ситуација?

Редица студенти на шалтерот пред студентски прашања, а нервозната тетка вика по студентите и им ги фрла индексите со документи како да фрла фризби. Или колку пати се случило да започнете разговор со некој од Вашите колеги и да дознаете за неговите маки и патешествија низ факултетските ходници бркајки некој од професорите за потпис, трчајки по некој од асистентите за информација за испитот?

Колку пати сте биле револтирани од однесувањето на некој од академскиот кадар (професори, асистенти и демонстратори) или пак од техничкиот персонал на факултетите (студентски прашања, канцеларијата за ЕКТС, дечките од компјутерски центар….)?За кариерните центри или пак за студентските парламенти на факултетите подобро и да не почнуваме. Тие сите како да се виртуелни. Постојат (формално на хартија) извршуваат некаква и некоја функција, но тешко се доаѓа до нив. На многу факултети студентите не знаат дека имаат студентски парламент, а онаму каде се запознаени дека постои студентски парламент, ретко кој знае кои се претставници на студентите во истиот или пак кога се избрани.

Сето ова за жал, е дел од приликите во македонскиот високообразовен систем. Години и генерации наназад се провлекуваат истите приказни и истите случаи. Студентите (според мислењето на јавноста) делуваат апатично,резигнирано и без желба за радикални промени. Со исклучок на неколку неформални студентски активистички групи (Слободен индекс, Студентски отпор, Отворен куфер, Операција студентски дом..) сите други се однесуваат како да не го гледаат сивилото пред нивните очи. Додека во нашето окружување бевме сведоци на динамични студентски случувања и жестоки протести (Приштина, Белград, Нови Сад, Загреб, Љубљана), кај нас штама. Резултатот (според некои и причината) на сето ова е студенти кои се неинформирани за начините и механизмите како можат да ги остварат и заштитат своите права, недоверба во институциите, страв од реперкусии.

Сепак, кај нас постојат неколку механизми на заштита на студентските права, кои за жал се недоволно популаризирани меѓу студентската популација. Во прилог, краток осврт на институциите/механизмите кои им стојат на располагање на студентите за заштита на нивните права, впрочем и да прокоментираме колку се тие ефикасни:

1. Комисија за студентски жалби

Одлучува за правата на студентите кога истите се повредени од страна на факултетите или органите на Универзитетот, доколку нивната заштита не е обезбедена пред други органи согласно законот за ВО, Статутот на Универзитетот и други акти. Составена е од пет членови ( еден од нив е претседател) и нивни заменици. Кога ке го погледнеме составот, ке видиме дека комисија е составена од тројца наставници/професори, претставник од службата на Универзитетот и еден студент. Тело кое постапува, каде студентите имаат свој претставник (членот –студент го именува Сенатот на предлог на студентскиот парламент), но и орган кој постапува во специфични случаи и со кој студентите не се воопшто односно се многу малку запознаени.

2. Студентски правобранител

Формиран е како институција која има за цел заштита на правата на студентите, или поедноставно кажано, тоа е “адвокатот” на студентите пред органите на факултетите/Универзитетот и нивен застапник во случај на спор односно прекршувањена правата на студентите кои се загарантирани со Статутот на Универзитетот, како и со поединечни Статути на факултетите. Генерално во склоп на Универзитетот постои еден главен студентски правобранител, кои има свои заменици на секој матичен факултет. Имајки во предвид дека во првите два мандата (откако беше воведен) оваа функција ја извршуваа професори, разбирливо е зошто добар дел од студентите не се обраќаа до студентскиот правобранител за заштита на своите права. Иако има напредок откако студенти почнаа да ја извршуваат функцијата, сепак останува уште многу да се стори. Полна фунционалност на замениците студентски правобранители на факултетите, зголемување на овластувањата и надлежностите, интензивирање на соработката со други институции кои можат да му бидат од помош (а и на студентите) во неговото постапување како Државниот просветен инспекторат, Народниот правобранител…Дополнителен проблем е што кај студентскиот правобранител студентите кои престојуваат во студентски домови не можат да пријават прекршување на нивните права поради фактот што студентскиот правобранител нема надлежност врз студентските домови. Студентските домови се перцепирани од студентите како едни од местата каде најмногу се кршат правата на студентите.

3. Државен просветен инспекторат

За дел од студентите звучи премногу официјално, бирократски, институционално, но тоа е во суштина е орган во состав на Министерството за образование и наука и врши надзор над исполнетоста на образовните стандарди, обезбедувањето на квалитетот на образованието, ефективноста преку евалуација на работата на воспитнообразовните установи, како и примената на законите, како и другите прописи и акти од областа на образованието. Орган кој многупати досега ја докажал својата стручност, принципиелност во постапувањето и независност. Впрочем, сеуште е свеж примерок во јавноста кога Правниот факултет во Скопје самоволно донесе одлука за наплата на надополнителен надоместок за одбрана на магистерски трудови, токму Државниот просветен инспекторат беше првиот орган кој изврши инспекциски надзор и го поништи решението на факултетот. Деновиве, во екот на штрајкот со глад на тројцата професори од Универзитетот Гоце Делчев во Штип повторно сме сведоци за професионалноста на инспекторите од ДПИ, кои го поништија решението на ННС со кое им беше прекинат работниот однос. Институција која доколку и се обратите (пријавувањето може да биде и анонимно), ќе постапи согласно (и во рамките на) своите надлежности со цел решавање на проблемот.

Останува уште многу да се стори за состојбите во нашето високо образование да се доведат до нивото на земјите кои ни се пример за тоа какви сакаме да бидеме. Но, за тоа да се случи потребно е ангажман од страна на сите актери во високообразовниот процес, а особено од студентите. Потребно е адресирање на проблемите и формулирање на јасни, практични и издржани решенија и политики за надминување на истите. Потребни се активности кои водат до проактивен однос, доближување на институциите до студентите, нивно запознавање со правилата, процедурите и постапките, како и правата кои се загарантирани во правните акти. Најмногу од се, потребни се студенти со визија за тоа како сакат да изгледа нивниот факултет, студентски дом, студентски парламент и најмногу од се со решителност за промена на состојбите и желба за работа во таа насока.

Мартин Алексоски

Извор: Моф/Сервис за млади