[Колумна] Кога ќе помислиш дека можеш да живееш подобро, на пленумот си!

10811673_10202149670697354_359297324_nДесен клик → New  → Microsoft Office Word Document. Rename → Студентски Пленум. Треба да напишам текст. Како да напишам текст за Студентски пленум? Како да ставам на хартија енергија, мисла, сила, настан, сплет и склоп на луѓе, знајни и незнајни, како да ги раскажам сите нивни приказни, споени на 17 ноември?

Предизвик. Да видиме дали ќе успеам да го исполнам.

Да искористам клише фраза, 17 ноември и пред 17 ноември. Дечишта, собрани во едно станче, зборевме за екстерно и за студентскиот (не)активизам. Мислам дека во тој момент никој немаше никакви очекувања. Знам дека јас немав. Многу често слушав, да видиме другите што мислат, тогаш бесцелно и неефикасно, сега суштинско. Дојде денот на состанок на Сенатот на УКИМ, се случи собир, протест, што знам како да го кажам. Ама тоа, што и да беше, крена малку прашина и предизвика реакција од ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски. Среќни и задоволни си отидоа дома студентите на собирот, не има некаде.

Имаше на (некои) медиуми вест дека се појавиле натписи за екстерното на патот накај Средно Водно, а потоа и на спомениците. Тук – таму се појавуваше некој што ќе воскликнеше против екстерното со по некоја профилна слика на Фејсбук, се зборуваше по кафулиња, пијанки, кина, можеби и по дискотеки. Се зборуваше и по канцеларии и бифеа и кафеани, сигурна сум.

Осамна 17 ноември, прилично полициски ден, марици и оклопни возила насекаде. Се собравме на платото кај УКИМ и имаше говор за тоа зошто 17 ноември е Ден на студентите. Стоев околу споменикот, а имаше луѓе насекаде околу мене, па не можев да проценам колку се. Дури кога излегоа на улица, тогаш видов колку сме. И беа многу, многу повеќе од тие во соништата.

Студентски пленум стана интересен, популарен, нов, внесе нова енергија и почна да се пишува и шпекулира по медиуми, кои се и што се. Сите сакаа само нивно делче од приказната.

Драги мои граѓани, медиуми, политичари, студенти и клиенти, Студентски пленум не е организација, не е НВО, не е параформација на СПУКМ. Студентски пленум не се студентите кои печатеа плакати, правеа акции и споделуваа на Фејсбук. Студентски пленум не е физичка појава. Студентски пленум се случува, не се собира. Сите кои беа на маршот, сите се студентски пленум. Тие кои беа дома, а беа со нас, и тие се студентски пленум.

Кога ќе помислиш „Не за екстерно“, кога ќе помислиш на идеја како може да се активираш, кога ќе помислиш како можеш да живееш во подобро општество, честитам, на пленумот си!

Ана Нешовска, студентка