[Колумна] Кога домот не е пристаниште

Ова е време кога домот не е пристаниште, кога домот не е уточиште, кога дом го нарекуваме местото кое боли. Ете, тоа е Македонија во последните десет години. Во земја каде што има „глува стража“ врз привилегиите на малкумина, секој говор и обид за разговор буди чувство на залудност. Баравме, протестиравме, алармиравме, но „глувата стража“ на власта со игнорирање и со понижување сакаше и сака да го потопи во калта на сопственото ѓубриште гласот на автономните слободни, мислечки луѓе, кои гледаат, слушаат и реагираат. „Глувата стража“ на власта нема да нѐ занеми. Напротив, ќе нѐ направи погласни. Попрецизни во артикулацијата на нашата визија за тоа какво општество ни треба, каков свет заслужуваме. Одземениот дом и болката ја разјаснија замагелната слика за она што го очекуваме од животот.

Често, кукавиците, злосторниците облечени во рувото на владетели, се плашат од моќта на оној кој го знае својот пат, кој има расчистена диоптрија, кој критички го чита светот, кој има крената а не наведната и покорна глава. Тие се плашат од јасно артикулираниот и храбро искажаниот бојкот на злото, од фактите на неправдата која ја нанесуваат, а во кои како во огледело ќе се согледаат себеси и својата сенишна лага. Време е да и дадеме глас на тишината, која со фреквенцијата на својата моќна порака за потребата да се биде слушнат, виден, удостоен, вреднуван и вклучен, да се биде еднаков во своите граѓански права, ќе ја разбие глувосота, ќе им ги одмрзне мозоците и срцата на оние кои заборавиле дека освен нивната измислена реалност постои и една друга реланост – реалност на оние кои ја сетиле маката и знаат во каква заедница сакаат да живеат. Реалноста на дискриминираните, ранетите, дисциплинираните, заробените, пљачкосаните. Дали можеби ќе почувствуваат срам? Затоа што темелито го обезвреднија општеството? Не сум сигурна. Но, можеби, доколку истапиме во генерален штрајк и бојкот на измислената држава, со уште поизмислени закони и правила кои им служат ним, а не на граѓаните, можеби ќе го поместиме каменот на криминалот, на кражбата на нашите животи и соништа, кои малкумината што владеат бесрамно ги скриле, мислејќи, како во некоја дистопична нарација, дека ние не знаеме што значи да се сонува и да се живее.

Ние многу добро знаеме дека се шири реа на брутални удари по достоинството, по правото да се биде еднаков во ползувањето на заедничките добра и услугите кои државата е должна на своте граѓани да им ги даде, по нужноста да се биде слободно, независно мислечко, дејствувачко битие. Некој сака да нè унижи да нè покори создавајќи свет во кој нашиот живот ќе виси на чивилук зависејќи од владетелската волја за моќ а не од нашиот труд и влог.

Ни наметнаа насилие, кое подмолно се крие зад квази демократската реторика. Но веќе ниту еден мазен збор не може да ја скрие трагата од директниот удар зададен од државниот пендрек. Тоа е пендрек на експлоатација и деградација на човековите права и слободи, пендрек со кој се контролираат и вкалапуваат нашите соништа, пендрек кој замавнува врз плеќите на голиот живот. Освен што се економски, егзистенцијално, интелектуално, културно насилни, владејачите покажуваат, сè побесрамно, дека нема да се либат еден ден и да убијат за да владеат.

Ни ги забрануваат мислите, ни ги креираат пејзажите, ни ја преумуваат историјата, ни нудат лажни бенифиции а нѐ тераат в гроб ширејќи низлечиви болести и небарајќи лек за нив. Болест во образованието, болест во културата, болест во срцето на демократијата – институционалните автономии. А згора на сè, ни го крадат и основното право на работа, на прехрана, додека ни градат златни и сјајни фасади. Со своите пендрек мерки ни велат дека треба да ја наведнеме главата пред нивната моќ, оти не само душата, туку и голиот живот може утре да ни го земе Управата за јавни приходи. Снимаат, демнат, се закануваат, уценуваат, заплашуваат без да знаат дека постои и ефект на бумеранг. Притисокот, насилието, не можат бескрајно да се игнорираат и толерираат. Ние многу долго чекавме, бевме трпеливи. Нè тераат да бидеме слепи, да замолчиме според нивните правила, да бидеме катадневно во страв дека може и бетер да биде, но не знаат дека има и еден поинаков молк од оној кој тие го посакуваат. Тоа е молк кој ќе биде погласен од сите нивни бесмислени, лажни реклами и мегафони. Баравме, молевме, сакавме да разговараме, да бидеме во дијалог. Ништо – тие не слушаат. Но бојкотот и молкот кон нивните закони и политики и тоа те како ќе го слушнат. Крик од кој нема ниту најцврстиот восок во ушите да ги спаси.

На историјата и на политиката не им е туѓо насилието. И што е разликата помеѓу серискиот убиец осуден на доживотна робија, и оној кој ги става на доживотна робија своите граѓани, чувајќи ги во занданата на сиромаштијата? Речиси никаква. Овде се случува сериско, притаено, добро испланирано убиство на граѓаните. Нашите „политички елити“ забораваат дека секој ги знае своите граници на трпението. Разумот ни заповеда многу посилно од каков и да е „владетел“. Целото наше достоинство се состои во мислењето, во совеста и во тоа е нашата слобода и нашата моќ. Ни украдоа сè, но мислењето не можат да ни го украдат. Владеењето со сила е привременост која ние, граѓаните, имаме одговорност да ја промениме. Конечно, треба да застанеме цврсто пред нивните големи митови кои се мрачни и не можат да се замислат без погибје и мака. Оти нашиот живот не сакаме да биде мит и историја. Нашиот живот сакаме да биде слободно, достоинствено чекорење низ секојдневието.

Ова е скудно време во кое нашата интимност се поништи, нашите вертикали се унижени, нашите животи се заложници на оној кој лаже и краде и сака да нѐ потчини до ништожност. Време исполнето со чемер и грдост. Нашите министри, премиери, претседатели не сакаат да знаат дека ние сме тука но замолчени, тажни, умртвени. Затоа што тие го имаат камшикот и привидот на својата среќа и на своето себељубие. Тие постојат во вакуумите на својата моќ, во лажниот сјај на шоуто на „своите пет минути“, во спектаклот на својот безутописки и игнорантен политички концепт. Тие не постојат за граѓаните, тие постојат за своите привилегии. Е, па, доста беше разулавеноста на ваквиот концепт на божемно градење држава, која е темен вилает на маалски мафијаши без доблесност и без одговорност. Нема да дозволиме никогаш повеќе да бидеме слуги на недоветните партиски кланови. Имаме право рамноправно да учествуваме во градењето и развивањето на нашата држава. Да застанеме во одбрана на нашите права!

Искра Гешоска за „Граѓаните.мк“