[Колумна] Интернет не е само за на Фејсбук

Со развојот и значењето на интернет и мрежните технологии се прошири и нивното значење и важност. Интернетот особено прерасна во сериозен индикатор  и показател за стапката на демократски развој на една современа земја. Ваквиот пристап, покрај техничките карактеристики на интернетот и самата инфраструктура, во предвид ги зема интернет културата, начините и причините за користење на интернетот, и особено важно алатките кои се на располагање на граѓаните за информирање и учество во работата на централните и локални власти во пакет со  законите кои ги уредуваат овие прашања.

Развојот на интернет и комуникациските технологии повеќе од било кога се наметнуваат како параметар за политичката зрелост на една држава, како и ја даваат сликата за општетсвениот и социјален контекст на заедницата. Македонија паралелно со светскиот технолошкиот развој бележи зголемена бројка на интернет корисници. Според податоците на Евростат објавени во Извештајот за е-влада на Република Македонија, издаден од Европската комисија во октомври 2011 година (достапен на www.epractice.eu ), 46% од домаќинствата и 84% од претпријатијата имаат пристап до интернет (2010). Во однос на интеракцијата која физичките лица ја имаат со јавните власти, во 10,2% од случаите интернетот бил користен како алатка за барање/ пристап до информации, 3,6% од граѓаните се изјасниле дека преземале формулари или обрасци преку интернет и само 2% од испитаниците испраќале пополнети формулари до некоја јавна институција преку интернет.

[Колумна] Интернет не е само за на ФејсбукБројките иако говорат за континуиран пораст во користењето на интернет, што и не би требало да биде поинаку, говорат и за уште неколку работи кои се во принцип поразителни факти, ако се спореди интернет достапноста со интеракцијата на граѓаните со јавните власти. Прва и многу очигледна причина за ваквата интеракција е неспремноста на владата да направи трансфер на своите услуги, како и на голем дел од својата работа каде што треба да бидат вклучени граѓаните на интернет. Иако владини претставници од областа на информатичко општество скоро преку два дена ги гледаме на телевизија орни во какви ти не проекти, она што може да се утврди на интернет е дека многу помалку е направено од колку што се мисли. Прилично добро изгледа дека е уреден делот за интеракција меѓу приватниот сектор и релевантните за него институции, додека секој нареден владин портал кој што покрај слики од прес конференции треба да има транспарентно објавени и правни и финансиски документи, тендери, буџети, начини за интеракција со граѓаните, повици за мислења, петиции и иницијативи, тоа не го прави. Како се симнувате од централно на локално ниво, така пропорционално се намалува и веројатноста дека нешто од веќе кажаното ќе сретнете на најголем дел од сајтовите на општините. Ваквата состојба е показател дека вклучувањето на граѓаните, или е-учеството во секаква смисла, следствено е многу мало, а е мало затоа што ниту централната, ниту локалните власти креираат соодветни платформи за вакви акции.

Второ, и многу битно за да ни се случи максимална искористенот на интернет платформите е прашањето на образование на населението, или интернет писменоста. Иако ми се чини нема степен на образование кој не е задолжителен во државава, сепак изгледа дека малку се вложува во образование од аспект на подигање на интернет и медиумската писменост на администрацијата и на граѓаните генерално. Тоа е основата за да може еден цел сет на јавни услуги да се пренесат на интернет, а истовремено и да стекнеме пракса за ефикасна онлајн комуникација со администрацијата како и следење на нивната работа преку интернет. Жалосно, но вистинито, е дека и покрај фактот што информатика е задолжителен предмет ако ништо друго во сите средни училишта, по завршување на часот ретко кој знае да си го форматира текстот во Ворд, а не па да пополни образец во Акробат.

Втор интересен податок што би сакал да го посочам е пристапот до интернет на јавниот сектор во Македонија. Според податоци издадени од Заводот за статистика, во 2009 година пристап до интернет имале 99,4% од ентитетите во јавниот сектор, вклучително и единиците на локалната самоуправа. Тоа значи дека интернет има и во секое село во државава до кое што можеби пат нема, што е супер, ама и не толку многу зашто истата поволна ситуација малку може да им користи на граѓаните во нивната интеракција со властите. Погледнато од друг аспект, одличната интернет инфраструктура на нашата администрација е всушност негативен показател доколку посетите десетина интернет страни и имате потреба суштински да се информирате за работата на администрацијата. Неинвентивната администрација и прилично компјутерски неписмена ваквата поволна инфраструктура ја остава да биде комплетно неискористена, а политичките раководства наместо како канал за транспарентно објавување на податоци и олеснување на комуникацијата со граѓаните ја користат исклучително за политички маркетинг.

[Колумна] Интернет не е само за на ФејсбукДалеку од фактот дека сме земја изолирана од нови технологии, но „умното“ користење на истите ни изгледа како далечен концепт. Малиот процент на користење на интернетот како алатка за добивање на некаква јавна услуга само ја заокружува приказната дека нашата администрација дури и на интернет останува да биде еден прилично затворен и нетранспарентен апарат кој што наместо да обезбеди поголема ефикасност преку виртуелниот свет,  го користи претежно наменски, односно во служба како гласник за објавување на информации пожелни за системот. Иако во Извештајот од истражувањето за е-владеење на Обединетите Нации за 2010 , Република Македонија е рангирана на 52 место, од вкупно 184 позиции на развојниот индекс за е-влада, сепак во пракса најмногу функционира од овој концепт е пристап до обрасци за најразлични потреби и контакт адреса за испраќање на истите. Скоро и да нема простор за давање предлози, за покренување иницијативи, дискусии по прашања од локален карактер. Она што со сигурност го нема во нашиот концепт на е-влада се дефинитивно информации поврзани со буџетски трошења, тендерски постапки и документации и во најмала рака базични правни документи.

Недостатокот на јавни податоци на владините сајтови како и немањето на алатки за вклучување на граѓаните во промоција на концептот на е-учество го препуштаат локалниот интернет простор најчесто на социјалните мрежи и информативните интернет портали со што интернетот генерално се третира како канал за забава. Прилично далеку од сериозен пристап за медиумски и интернет описменување, континуирано сме сведоци на масовна продукција на интернет неписмена нација која што нема никакви предзнаења како да ја држи власта одговорна и како да ги искористи своите граѓански права преку интернет.

Ристе Змејкоски