[Колумна] Информацијата е право, информацијата е активизам и моќ!

За да можам да си ги остварам своите права, мора претходно да сум информиран за нив и да ги знам. Слобода на информирање и слободен пристап до информации од јавен карактер. Ова ми е гарантирано и со Уставот на РМ и со законите. Но, како и секогаш во нашата земја, гаранција на одредено право, никако не значи дека ти ќе можеш истото да си го оствариш, особено не без долга и исцрпувачка борба со институциите и администрацијата. И скоро секогаш се откажуваме во оваа борба, освен ако информацијата не е најбитното нешто кое во моментот мораме да го добиеме, без разлика на тежината низ која мора да поминеме.

548542_3312189480141_1092033759_n

Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер му е загарантирано на секого во Република Македонија. Ваквата гаранција ја дава Уставот и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Целта на овие одредби е македонската администрација стане транспарентна и отворена за соработка со граѓаните. Придобивките се големи. Ќе имаме многу помали шанси за корупција и многу поголема доверба на граѓаните во работата на државата. Многу полесно ќе биде остварувањето на правата на граѓаните и веројатно многу поголема ќе биде свеста за остварувањето на обврските. Но дали свесноста на македонското општество е стигната дотаму за да ги сфатиме придобивките од остварувањето на ова право? Секако дека не.

Борбата за донесување на еден ваков закон, започна на иницијатива на граѓанскиот сектор. МОФ како дел од овој сектор веќе долги години работи на прашањата поврзани со зголемување на транспарентноста на образовните институции во Македонија, преку користење на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер како начин за добивање на потребните информации во спроведувањето на активностите. Но отвореноста на образовните институции не се разликува многу повеќе од отвореноста на било која друга институција во Република Македонија. Искуството покажува дека без разлика дали станува збор за средни училишта, факултети или универзитети, објавувањето на информации е сведено на мног ниско ниво. Најчесто дури образовните институции не ги прават достапни ниту своите основни документи, кои мора да и се познати на јавноста. Токму затоа имаме огромен број на средношколци и студенти кои ниту си ги знаат своите права, ниту пак знаат како да ги остварат. Ова е и сфатливо, особено ако никогаш немале шанса ни да ги видат доокументите, а уште помалце и да ги прочитаат. Ваквиот пристап е најлесен за институциите, бидејќи создаваат кои не треба да се интересираат за добивање на некои информации, односно млади кои треба да ги спречиме да ги бараат своите права. Ваквиот пристап несомнено е успешен во праксата, што поради незнаењето, што поради стравот, што поради незаинтересираност за борба со институциите.

За оние поупорните и позаинтересираните постои можност преку овој да стигнат до информацијата која им е потребна. Ама мора да бидат спремни на долга постапка, игнорирање на барањето и веројатно добивање на половична информација. Започнуваме со поднесување на барање до школото или факултетот и скоро секогаш наидуваме на прашање од типот „А зошто ти треба овој документ?“. Никогаш не треба на ова прашање да го дадеме одговорот како баратели. Не затоа што ние мислиме дека не треба, туку затоа што законот кажува дека причината не е битна. А законот треба да се почитува. За образовната инсититуција треба да е доволно тоа што ја побараме информацијата. Откога ќе ни го примат барањето, должноста на институциите е да ни дадат соодветен одговор на барањето. Меѓутоа образовните институции, па ваквата работа им доаѓа како отежнување на нивната работа, особено ако станува збор за некоја актуелна информација. Искуството на МОФ покажало дека во голем број на случаи, образовните институции не ги даваат документите и нема да одговорат на барањето се додека не се поднесе жалба. Со ваквиот пристап имаме многу подолга постапка за добивање на некоја информација или некој документ, при што информациите се обезбедуваат само за најупорните. А како да оствариме некое право ако ги немаме соодветните информации и соодветните документи на кои може да се повикаме. Па така почнуваме да се движиме во еден круг, каде што за да добиеме некое право, ни треба соодветната информација и документ, а соодветната информација/документ треба да ни ја даде институцијата. И на крајот доаѓаме до заклучок дека се зависи од институциите, дури и можноста дали ќе си го побарам своето право зависи од нив, односно зависи од добивањето на информацијата.

Но она што зависи од мене е можноста да јас во секое време ја побарам информацијата и документот. Без разлика дали постапката е долга и тешка, ние никогаш не треба да се откажеме. Секојдневно на сите нас ни треба некоја информација која ја немаме и која ни фали за да оствариме некое право. Секојдневно има многу прашања на кои одговор треба да ни дадат институциите. Како средношколец секогаш сакав да знам кои се правилата за спроведување на екскурзија, како студент сакав да знам за што се трошат парите кои ги уплаќав при уписот на година, а сега веќе сакам да знам се. Денес веќе ги имам овие информации, но ее прекасно за да јас можам да си ги остварам своите права. Тогаш немав можност да барам информации, зошто немаше закон што ми го овозможува ова право, за разлика од денес. Затоа денес им помагам на младите да можат они да си ги остварат своите права преку добивање на соодветната информација. Можноста да ја побарам потребната информација од секоја институција ми ја дава можноста да се борам за подобро општество и моќ да знам многу повеќе работи од останатите. Всушност кога го користам ова право, секогаш сум убедена дека ќе добијам некоја нова информација, која дотогаш не сум ја знаела. Некогаш тоа е вистинската информација која ми требала, некогаш е дел од информацијата која сум ја побарала, некогаш добивам многу повеќе од бараното, а некогаш дознавам дека институциите прават пропусти при своето работење, па или ја немаат информацијата или пак е премногу битна за да може да ми ја дадат. Како и да е, информацијата која ја дознавам, ми дава право да ја споделам и моќ да придонесам кон зголемување на транспарентноста и отвореноста на секоја институција во нашата земја. Всушност колку повеќе сите прашуваме, толку повеќе информации ќе имаме споделено, толку повеќе права ќе имаме остварено. Па сега останува на сите вас да ги барате информациите од институциите или да не прашате нас како да го направите тоа. Нека не ве спречува ништо за да знаете повеќе и да можете повеќе и подобро.

Сања Божовиќ

Извор: Советодавен сервис за права на млади