[Колумна] Храброста да се спротивставиме неодамна ја откривме – да не ја заборавиме лесно!

На предавање една од професорките (една од оние ретките кои нé поддржаа) денес нé праша дали минатата среда излеговме на студентскиот марш. Да, одговоривме едногласно, а јас додадов „Но, очигледно залудно“. Таа само со тивко и несвесно нишање на главата ме поддржа, и потоа не праша ништо.

Но, тогаш ми светна. Ништо не е залудно. Ниту една револуција не започнала и завршила со два протести. Ниту една општествена промена не дошла за два месеци, ниту еден закон не се променил пред од него да „изгорат“ неколкумина невини жртви.

Денеска сфатив дека сé е во ред, дека оваа млада генерација е свесна. А свесна ќе биде и генерацијата која нашата генерација ќе ја воспита. А тоа носи промена, кога-тогаш. Можеби нема да успееме да го спречиме она за што така жестоко се боревме и уште ќе се бориме, но најтешкиот дел помина – а тоа беше првиот да викне, па толпата да го поддржи. Најтешкото беше да се сплотиме и да речеме дека сме заедно во оваа битка. А, како што и самите многу пати сте слушнале, „Заедно сме посилни“.

Одеднаш станав голем оптимист – вака никогаш порано не сум се почувствувала. Никогаш порано не сум слушала дебати за тоа колку знаеме да ги бараме и уживаме сопствените права, како луѓе, граѓани и студенти. А искрено, до скоро не сфаќавме ниту кои ни се должностите. Не е моја должност само да бидам послушна и покорна на „поголемата сила“ наречена државен апарат, туку должност ми е и да си ја обележам личната територија. Не физичката, туку да се предизвикам и борам за достоинството и правата, за разумот и трезвеноста дека овде нешто „не штима“. Јас сум law abiding citizen. Никому лошо не правам, и не сакам да ми прави. Во Македонија сите сме такви, како Конфучиј лично да нé воспитувал. Зошто тогаш некој друг да ми ги гази правата?

Јас сум само еден запчаник во системот на часовници кои синхронизирано чукаат додека секунда по секунда ја губиме контролата. Но, запчаник по запчаник во обратната насока, времето некако ќе успееме да го застанеме. Сега барем се разбудивме, и знаеме дека само на нас останува нешто да се смени.

Никогаш порано не бев слушнала во автобус две девојчиња од средно да дебатираат дали некој новодонесен закон е легален и легитимен.

„Не е ниту едното, ниту другото“, вели едната. „Ниту е јавно, ниту прифатено од народот, ниту пак е донесен во нивна полза. Немаше јавна дебата, иако ветија дека ќе има. Студентите не беа вклучени во ништо. Сите ќе го прифатат законот, не затоа што сакаат или сметаат дека е во ред, туку затоа што мораат. Тоа е далеку од легитимно“.

„Е, да, ама легално е“, вели другата, „законите тие си ги предлагаат и гласаат. Тие се законот, значи легално е“, додаде таа.

Можеби немаше голема доза ентузијазам во разговорот кој случајно го чув, но ме израдува тоа што младите разбираат дека се засегнати и почнуваат да разговараат за ваквите проблеми. Ме радува тоа што гледам дека го отфрлаат конформизмот и премолчувањето на кое сме навикнати, и сред автобус си дообјаснуваат термини за кои до вчера можеби и не знаеле дека постојат.

Никогаш не сум видела ни толку луѓе од сите националности и етникуми, од сите возрасти и не знам какви уште не демографски фактори – толку различни, а сепак со иста мака – на едно место, рамо до рамо да се борат за истото. Некако се навикнав да ги гледам на спротивни страни, па ми се стопли срцето кога сфатив дека сепак има соживот.

Никогаш не сум слушнала ни 10.000 луѓе заедно да кажат „Не!“, и да не ги наведнат главите кога помалкуте од другата страна викаат „Џабе ви е, пак е да!“. Никогаш не претпоставував и дека вработените во високообразовните установи ќе му пркосат на новиот закон, па ќе кажат дека не го прифаќаат, бил донесен или не.

Знам дека усвојувањето на предлог-закон не е стапување на истиот во сила. Но знам и дека кај нас тоа не е само дел од донесувањето закон, туку по некое непишано правило веќе се програмираме да живееме во согласност со тој нов закон. Но и да ја изгубиме оваа битка, барем знам дека имаме глас. Знам дека следниот пат кога некој ќе ни погази некое право, ќе знаеме како да се одбраниме и нема да бидеме сами. Знам дека сега речиси секоја млада индивидуа знае кои се нејзините права и обврски, знае дека пратениците ние ги праќаме да ни служат, но и дека извршната власт во теорија треба нам да ни служи, а не обратно.

Барем се едуциравме, си велам, и како граѓани и како колектив. Затоа, да ја зачуваме храброста што неодамна ја откривме, колеги и колешки, сограѓани, браќа и сестри. Ништо не е залудно.

Стефанија Тенекеџиева, студентка по новинарство